Европската Комисија реагира на одлуката на Уставниот суд во Македонија, на претседателот на државата да му го врати правото да помилува осомничени и осудени лица за изборен криминал. Неказнивоста е неприфатлива, јави Дојче Веле.
– Вонредните парламентарни избори, како што е предвидено во Договорот од Пржино, се клучен чекор во реформскиот процес кој треба да ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и да ја извлече земјата од политичката криза. Очекуваме да се избегнува секој потег кој би бил спротивен на оваа цел. Секоја сугестија за неказнивност во однос на дела поврзани со изборите ќе биде во спротивност на напорите инвестирани од земјата и од меѓународната заедница кон овозможување услови за веродостојни избори и враќање на довербата на граѓаните во изборниот процес – вели портпаролката на комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, Маја Коцијанчич за ДВ.
Европската Унија очекува да се избегнуваат чекори кои ќе бидат во спротивност со Договорот од Пржино, по одлуката на Уставниот суд да ги укине измените во Законот за помилување од 2009 година и на тој начин повторно да овозможат помилување на лица кои, меѓудругото, се обвинети за изборен криминал.