Пред точно една година екс премиерот Никола Груевски доби писмо од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со кое го канеше да му отиде на гости. Токму оваа писмо Груевски го искористи и како аргумент за да од Апелациониот суд побара да му го врати пасошот, односно за да може да оди на гости кај својот драг колега.
Тогаш неговиот адвокат Димитар Дангов го убедуваше судот дека Груевски нема да избега и дека ќе оди само на кратка посета. Една година подоцна, Груевски отиде на гости, но овој пат без покана, барем не јавна, и тоа на подолг период, бидејќи самиот најави дека ќе бара политички азил.
Засега не е јасно како Груевски успеа да замине од државата, бидејќи легалниот премин низ граница за него беше оневозможен, бидејќи му беше одземен пасошот, но не смееше ниту да патува со лична карта.
Откако пак и официјално се потврди дека Груевски е во Унгарија, МВР за него распиша меѓународна потерница.
В.В.