Студентскиот пленум денеска одбележува една година од своето постоење и борба за студентските права. Пленумот беше формиран како резултат од незадоволството од новиот закон за високо образование кој Владата сакаше да го донесе лани.
-Токму на овој датум пред една година беше првата студентска средба на која стотина студенти јасно и гласно кажаа „НЕ“ на најавениот Закон за високо образование. Истиот тој закон беше изгласан преку ноќ, но успеавме на крајот да го одложиме. Би сакале да ги потсетиме нашите колеги дека секој студент има право да учествува во создавањето на политики кои го уредуваат неговото студирање. Веќе не смееме да бидеме пасивни!, велат од Студентскиот пленум.
По тој повод, денеска во 19 часот пред платото на УКИМ ќе се одржи деветиот Студентски пленум, на кој ќе се разговара за сите проблеми со кои се соочуваат студентите.
Затоа, Ве повикуваме на овој симболичен датум да ни се приклучите на деветиот Студентски пленум и да поразговараме за сите студентски проблеми. Време е повторно да го омасовиме студентскиот пленум и заедно да се бориме за нашите студентски права! Дојдете и приклучете се!, порачуваат од Студентскиот пленум.