Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Србија ја оставила отворена можноста да се смени одлуката за воведување санкции кон Русија поради нападот на Украина, доколку српската економија и граѓаните почнат да трпат непоправлива штета, јави дописникот на МИА од Белград.
–Бидејќи одлуката (на Советот за национална безбедност на Србија) се уште е во сила, тоа значи дека се уште го немаме тој случај, изјави Дачиќ за Курир и додаде дека во интерес на Србија е да не воведува санкции кон Русија, но да следи како таа одлука се одразува на српската економија.
Според него, освен притисокот врз Србија поради невоведувањето санкции, намалена е и надворешно трговската размена меѓу двете земји, додека „во некои западни земји кои воведоа санкции кон Русија таа е зголемена“.
Коментирајќи ги изјавите на министерот за економија Рад Баста, член на Единствена Србија, која е во коалиција со Социјалистичката партија на Србија на Дачиќ, дека Србија треба да воведе санкции кон Русија, Дачиќ повтори дека неговата партија и сите нивни членови на владата стојат зад одлуката на Советот за национална безбедност и државна политика.
-Се додека се во сила нашата одлука и нашата политика во однос на санкциите, ние постојано ќе ја почитуваме, рече Дачиќ.