Едно лице загина во новиот напад утринава што го изврши руското воено воздухопловство врз Киев, а четворица се повредени, кога била погодена и запалена нивната станбена зграда, соопштија украинските власти.
Украинските одбранбени сили соопштија дека собориле над дваесет беспилотни летала за време на овој напад, пренесува Ројтерс.
Воената администрација на Киев извести дека најновиот руски напад бил извршен само со беспилотни летала Шахед од иранско производство, а не со ракети, како што беше случај во повеќето претходни напади.
„Масовен напад! Не ги напуштајте засолништата“, напиша на Телеграм градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Едно лице загина, а четворица се повредени кога остатоците од уништената руска ракета погодија зграда и предизвикаа пожар, соопштија украинските власти.
Уништени се двата горни ката од зградата, а можно е да има уште луѓе под урнатините, изјавија на Телеграм претставници на воената управа на Киев.
Во мај, Русија го нападна главниот град на Украина, користејќи комбинација од беспилотни летала и проектили, главно ноќе, а денешниот напад беше 17-ти руски воздушен напад врз главниот град на Украина овој месец.