Еден патник преживеал од првиот вагон во судирот на два воза во Грција, друг се спасил бидејќи го згрешил купето

by Фокус

Дваесет годишен студент од Волос е единствениот преживеан од првиот вагон на возот кој се судри со товарен воз кај Лариса во Грција.

Тој патувал за Солун, заедно со други студенти. Од силниот удар бил фрлен во полето и токму поради тоа и ја преживеал несреќата.

Според информациите спасувачите, таму го пронашле во бесознание. 20-годишникот веднаш бил префрлен во болница каде бил примен на операција, пренесуваат грчките медиуми.

Панајотис Стафилос, пак, е млад човек кој ја преживеа железничката несреќа, бидејќи направил грешка. Тој имал билет за вториот вагон, но случајно се нашол во петтиот вагон, кој успеал да остане на шините.

Во меѓувреме, свртничарот вработен во железничката станица во Лариса ја признал вината за фаталната несреќа што се случи во Грција.

Пред истражните органи признал оти еден од возовите го упатил на погрешна пруга по која од спротивната насока се движел другиот воз. За грешката сфатил дури откако слушнал за несреќата.

Тој денеска треба да биде изведен пред обвинител, а се очекува да започне и обдукцијата на починатите.

Тој се соочува со тешки кривични дела, односно му се заканува кривична постапка за делото нарушување на безбедноста во сообраќајот со последица смрт на повеќе лица.

За ова дело, според последните измени на грчкиот Кривичен законик, е предвидена казна од 10 години до доживотен затвор.

Поврзани новости