Еден албански пратеник го повлекува потписот?

by Фокус

Еден од 12-те пратеници на коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива се очекува да го повлече потписот од иницијативата за изгласување на недоверба на владата, која ја најавија челниците на ААА заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Левица.

-Не измамија, ќе го повлечам потписот – рекол за ТВ 21 пратеникот од албанската опозиција, кој одлучил да остане анонимен.

Во меѓувреме, порталот Журнал објави дека пратеникот и генерален секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, нема да го поддржи новото парламентарно мнозинство, бидејќи во неа е Левица на Димитар Апасиев.

Агенцијата, повикувајќи се на партиски извори, објавува дека Реџепи е категорично против соработка со Апасиев поради неговите антизападни ставови и поради противењето кон Договорот од Преспа и Охридскиот договор.

Овие извори посочуваат дека до моментот на одржување на средбата во Собранието за новото мнозинство, Алтернатива како партија не била информирана дека во ова ново мнозинство е и Левица, туку имале информации дека ЛДП на Горан Милевски ќе биде вклучена.

Фокус се обиде да стапи во контакт со Реџепи, но досега не одговори на нашето прашање дали се точни информациите дека го повлекува својот потпис, што би значело дека новопромовираното мнозинство не би имало доволно гласови да изгласа недоверба на владата, освен ако во меѓувреме не им се приклучат нови пратеници.

Предмалку, и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, истакна дека дел од потпишаните пратеници за гласање на недоверба на владата се злоупотребени, бидејќи, според него, тие не биле точно информирани со кои други партии од парламентот имаат т.н. заедничка цел.

Митрески: Дел од потпишаните пратеници се злоупотребени

Поврзани новости