Рускиот сојузник Србија сака да ја преземе иницијативата во Западен Балкан на сметка на НАТО и ЕУ, додека францускиот претседател Емануел Макрон во јавноста зборува за нова визија во партнерството со Русија. Наспроти тоа Бугарија мора да ги продлабочи своите односи со Северна Македонија, се наведува во декларацијата на Евроатлантскиот центар за безбедност (ЕАЦБ), по ветото за старт на преговорите на Скопје и Тирана со ЕУ, пренесува БГНЕС.
– По одбивањето на отворање преговори за членство со Северна Македонија од ЕУ, во регионот започнува да се враќа евроскептицизмот. Македонското општество се чувствува предадено од старата Европа. Во име на решавање на емоционално натоварените историски прашања (Договорот за добрососедство во Бугарија и договорот за името со Грција), владата на премиерот Зоран Заев презема внатрешно политички ризик. Така одбивањето на ЕУ доведе до закажување на предвремени парламентарни избори и опасност на власт да дојде политичка сила со јасна антибугарска реторика, што би го одложува влезот во НАТО, се наведува во документот.
Според авторите на извештајот, последните случувања јасно го прикажуваат геополитичкото разместување во регионот.
– По состанокот на Европскиот совет, српскиот претседател (Вучиќ), стратешките односи со Русија и Кина ги аргументираше токму со неможноста на ЕУ да ги исполни очекувањата на земјите од регионот. Тој јасно стави до знаење дека Западен Балкан не може да се потпира на ЕУ. И затоа ја започна иницијативата за „мал шенген“ со Албанија и Северна Македонија, се нагласува во извештајот.
Така овој теоретски спор во Брисел, се предупредува во извештајот, може да има реални негативни последици за влијанието, безбедноста и позицијата на Бугарија на Балканот.
– Силно ја поддржуваме резолуцијата на Европскиот парламент за започнување преговори со Северна Македонија и се надеваме дека ЕУ ќе успее да ги надмине своите разлики, ценејќи ги напорите на Скопје и интересите на Бугарија и другите земји-членки од регионот, се вели во извештајот.
Наспроти ова, според ЕАЦБ, Бугарија треба да продолжи да ги продлабочува своите односи со Северна Македонија, не само политички, туку и преку инфраструктурно поврзување.
Претходно, главниот уредник на БГНЕС Геогри Пашкулев во текст „Историјата се врати, Франција отвора нов македонски фронт за Бугарија“ коментира дека на 100 години од Нејскиот договор Франција и Русија повторно го оживуваат стариот сојуз од 1914 година којшто се залага за Србија на Балканот.
Според Пашкулев, сигналите за новото сојузништво на Русија и Франција не се нови и како пример за тоа го посочува обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон на 15 јули 2019 година во Белград на српски јазик во кое се повикува на силната историска врска меѓу двата народа од Првата светска војна.
Како пример за, како што наведува, новата хегемонија на Србија на Балканот, Пашкулев ја посочува иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за формирање на „мал шенген“ со Албанија и Северна Македонија.
– На 10 ноември ќе има нова средба во Охрид за оваа иницијатива. Сега таа ќе биде под нови услови, бидејќи Албанија и Северна Македонија не добија отворање на преговори со ЕУ, а Србија им нуди економска интеграција како замена додека се во чекалната на ЕУ, наведува Пашкулев.
Смета дека за разлика од пред сто години сега Париз не е сам и ја има поддршката од Русија на Владимир Путин, која се враќа на своите историски корени од доцната империја на Романови, а најблиски европски сојузници и се Србија на Балканот и Франција во Европа.
Како главни сигнали за новото Француско-руско-српско пријателство на Балканот, Пашкулев за крај ги наведува следните четири настани: говорот на Макрон дека Европа има потреба од нова визија и сојуз со Русија, говорот на Макрон во Белград, ветото од Франција за почетокт на преговори со Северна Македонија и Албанија и активирањето на Србија и нејзината иницијатива за мини ЕУ на Балканот.