Е, мој друже демократски

by Fokus

Не заборавај, мој друже, дека многу луѓе за да се докопаат до власта морале да го свиткаат вратот и да ја наведнат главата и не е ни чудо што се згрбавени, бидејќи навиката да се поклонуваат ги направила неспособни да чекорат исправено

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

 Растевме заедно и се развивавме како луѓе во исти услови и околности, од исти болести боледувавме, со исти вакцини нѐ пелцуваа, од исти учебници учевме, на истата улица ги правевме првите чекори, ги игравме првите игри, од родителите исти совети и прекори добивавме.

Заедно чекоревме низ детството и младоста и делевме слични идеали и сништа, исти работи нѐ радуваа, растажуваа, лутеа. Дискутиравме и дебатиравме за сѐ и сешто и секогаш бевме приврзаници на онаа вечна француска идеја: слобода, еднаквост, братство. Им се потсмеваме и ги критикувавме политикантите, полуписмените интриганти, неписмените „академски граѓани“, безрбетниците, полтроните од интерес или карактер, некадарните партиски кадри на функција и неспособните функционери. Се боревме против нееднаквоста, селективноста, против оние над законот и се залагавме за демократија, социјална сигурност, право на нормален и достоинствен живот за секого.

Во времето што некои го нарекуваат едноумие, знаевме да имаме поинакво мислење од мнозинството и јасно и гласно да го кажеме не плашејќи се, знаевме да бидеме свои и да не дозволиме да станеме дел од просечноста и полтронството.

БЕВМЕ ЛУЃЕ СО СТАВ

Се градевме како луѓе што имаат свој став и секој од нас го зазема своето место во општеството таму каде што сметаше дека треба да биде и каде што сакаше да биде, неоптоварени од партиските комбинаторики, реторики, лактања и додворувања. Но, секогаш кога се случуваа големи нешта што ја засегаа нашата земја, знаевме да излеземе заедно со другите на улица и да протестираме, да го кажеме гласно својот став и да го изразиме своето незадоволство како луѓе.

Се буневме и ја критикувавме приватизацијата и транзицијата, која создаде богаташи од криминалци, го осиромаши народот и го разнебити стопанството и општеството. Го дигнавме својот глас против странските попувања и дволичноста, против антиквизацијата и бугаризација на нашата земја, против разнебитување на македонското национално битие.

Излеговме на улица и неколку месеци чекоревме со другите против малоумноста на барокното Скопје, имбецилноста на пастирот и уривање на севкупниот општествен систем и целосна партизација на секој сегмент на државата, вклучувајќи го особено судството, обвинителството и безбедносните служби. Дадовме поддршка на СЈО и политичката опција што доаѓа со предупредување, кое беше содржано во последниот мој говор пред Собрание, а во чие создавање и ти учествуваше. Целата насобрана маса јавно и јасно ја кажа пораката дека се очекуваат дела, а не зборови, дека не може и не смее да има компромиси во борбата со криминалот и корупцијата и дека нема да се тактизира со вистината и времето, реформи во правосудството и еднаквост на сите пред законот.

Многу бргу се виде дека новите тераат по старо со неизменета матрица на самобендисаност, политикантска комбинаторика, смешна и апсурдна реторика, некадарност и незнаење и огромни апетити за пари и моќ. Огромен број луѓе беа разочарани и се чувствуваа измамени и изиграни, искажувајќи го тивко својот револт онака како тоа што знае да го прави овој народ, кој сѐ уште ја памети онаа старата „наведната глава сабја не сече“, но не и ти, мој друже.

ГО ПРАВДАШЕ ТОА ШТО НЕ СЕ ПРАВДА

Ти секогаш наоѓаше оправдување за секоја глупост, или намерно кршење на принципите, за кои сме се бореле и поради кои ѝ дадовме поддршка и сето тоа го објаснуваше со некакви повисоки цели. Го оправдуваше и она што не може да се оправда и што здравата логика едноставно не може да го објасни, го бранеше она што порано го напаѓаше и го критикуваше. Е, мој друже демократски, едноставно веќе не беше важна ни демократијата ни принципите, ни слободата, еднаквоста и здраво неисполитизирано судство. Тие принципи за кои сме се бореле наеднаш станаа минорни и мали, а некои други работи станаа битни и големи.

Фотелјата во која седиш и тендерите што ги добиваш на име на свои роднини, станаа побитни од сето она што некогаш ни беше свето. Контактите и познанствата преку кои го полниш својот џеб станаа поисплатливи од принципите и целите што се сега само предизборна реклама за „широки народни маси“ и утопија за идеалистите. Преку ноќ судството стана успешно без реформи, партискиот лидер стана непогрешлив и визионер , а секој кој критикува и мисли поинаку, стана предавник или вмровец.

Е, мој друже демократски, дури и ликот и реториката ти се сменија, па почна на секое прашање да одговараш со длабока воздишка, како сиот товар на светот да го носиш и со плитка филозофија како никогаш да не си прочитал ништо повеќе од „Дружината на братското стебло“. Стана она што секогаш си го исмевал и против што си се борел, стана човек кој е против слободниот збор, човек кој ги мрази неистомислениците, човек кој се крие зад функцијата и партиската книшка.

СТАНА ПАРТИСКИ ЛАКТАШ

Е, мој друже демократски, стана партиски лакташ, еден од многуте, своето мислење го замени со партискиот став, а своите принципи со оние на лидерот. Партиската припадност ти стана побитна од способноста и стручноста, рејтингот и изборите од правдата и еднаквоста, фотелјата и функцијата поважни од слободно и независно судство, а материјалното ти стана побитно и од самиот себе. Стана еден од оние луѓе на кои им се смеевме и за кој пишуваше Андриќ, еден од оние кои кога ќе добијат идеја, ја сметаат за најдобра на светот, за апсолутна вистина и, наместо да ја спротивстават критички со идеите на другите луѓе, почнуваат да копаат јаз меѓу себе и другите, сметајќи ги тие за непријатели.

Не заборавај, мој друже, дека многу луѓе за да се докопаат до власта морале да го свиткаат вратот и да ја наведнат главата и не е ни чудо што се згрбавени, бидејќи навиката да се поклонуваат ги направила неспособни да чекорат исправено.

На крај ќе те потсетам на зборовите на Добрица Ќосиќ – Луѓето што се на власт никогаш не успеваат да ги сочуваат паметот и пријателите, паметот им го јаде суетата, а пријателите самите ги бркаат кога ќе им ја кажат вистината.

 
   

 

 

Поврзани новости