ЗНМ и ССНМ: ВМРО и Левица го злоупотребија Собранието за навреди кон Телма

by Фокус

Во изминатите два дена дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ како и пратеникот од Левица во своите изјави ја етикетираа ТВ Телма како „режимска телевизија“, а навреди и омаловажувања посредно или непосредно беа упатени кон новинарите и уредниците на оваа национална телевизија, реагираа Здружението на новинари на Македонија. Според ЗНМ, јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура.

„Правото на политичка дебата и правото на слободата на изразување, посебно во Собранието на РСМ се важни начела преку кои се очекува пратениците преку аргументи и конструктивни дебати да носат квалитетни закони. Злоупотребата на овие права од страна на политичари за јавна пресметка со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, го дисквалификува новинарскиот дигнитет на професионалните новинари и дополнително, демонстрира политичка некултура во јавниот дискурс. Освен ова, ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет“, велат од ЗНМ.

Со реакција се согласи и Синдикатот на новинари и медиумски работници, од каде сметаат дека недозволиво е политички партии и нејзини пратеници да етикетираат и омаловажуваат новинари.

„Јавното етикетирањето на телевизијата како „купена од власта и режимска” и слични други политички конотации и навреди упатени од страна на партиите и политичарите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кон вработените во телевизијата, ССНМ го смета за директен притисок врз слободата на изразувањето, работата на медиумите и нивната уредувачка политика. Дополнителна тежина на тоа дава и фактот што за етикетирањето е употребена собраниската говорница што според ССНМ е злоупотреба на Собранието за вршење притисок и омаловажување на медиум, во случајов телевизија Телма“, се наведува во реакцијата на ССНМ.

Од новинарските организации бараат првиот човек на Собранието во иднина да реагира на вакви притисоци и напади врз медиуми изговорени од собраниската говорница со оглед на тоа што во Кодексот на пратениците јасно стои дека„пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“.

Поврзани новости