Од Државниот завод за статистика информираат дека динамиката на попишување се одвива успешно и дека бројките покажуваат дека досега се попишани над 22 илјади лица од дијаспората.
-Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција.
Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту пак видовме каков било доказ или print screen за вакво нешто.
Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви прилагодувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци, информираат од таму.
Од ДЗС потенцираат и дека апликацијата е изработена по светски стандарди.
-Внесените податоци од друга IP адреса преку VPN врска на Апликацијата за самопопишување, не претставува дополнителен ризик за Апликацијата, туку одговорнсот за самиот попишувач.
Ја потсетуваме јавноста дека Скеил Фокус ДООЕЛ Скопје, компанијата што ја изработи Апликацијата за самопопишување согласно Законот за попис, ја направи по светски стандарди и не може да биде одговорна за погрешно пополнети податоци од самопопишувањето. Ова, потенцираме уште еднаш, е одговорност на самите граѓани кои ги внесуваат нивните податоци, а тоа и е утврдено со Законот.
Да бидеме одговорни и заеднички да придонесеме за успешен попис, апелираат од ДЗС.