Денеска во земјава се одржува вториот круг од претседателските избори и се бира нов парламентарен состав.
Вкупно 17 политички субјекти доставија кандидатски листи за избор на пратеници. Ова значи дека на овие избори 1.815.350 граѓани со право на глас ќе имаат можност да гласаат за 17 политички субјекти, односно за 11 политички партии, 5 коалиции и една независна листа од група избирачи со 84 листи на кандидати, што е за шест повеќе во споредба со 78 листи на кандидати поднесени за парламентарните избори во 2020 година.
На вториот круг од претседателските избори, ќе се натпреваруваат двајца кандидати, а право на глас имаат 1.814.317 избирачи. Разликата од 1.033 гласачи е поради граѓаните кои во тој период станале полнолетни.
Во посебните изводи од избирачкиот список за лица што поднеле пријава за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи згрижени во установите за вонсемејно згрижување, а во избирачкиот список се запишани и две внатрешно раселени лица. Лицата заведени во посебните изводи од избирачкиот список гласаа вчера.
Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.
Се гласа на 3.480 избирачки места, а идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. читачи на отпечатоци од прсти.
Мандатот на пратениците е 4 години, а на парламентарните избори се избираат 120 – 123 пратеници, а според Уставот на Република Северна Македонија Собранието може да се состои од 120 до 140 пратеници. Пратениците се избираат по пропорционален изборен модел на затворени кандидатски листи, при што во секоја од шесте изборни единици на кои е поделена територијата на државата се избираат по 20 пратеници.
Секоја од партиите добива пратенички места пропорционално на бројот на гласовите за нејзината кандидатска листа споредено со бројот на гласовите за другите кандидатски листи. Распределбата на пратеничките мандати се врши со примена на Донтовата формула. Кандидатите ги добиваат мандатите според редоследот по кој се утврдени на кандидатските листи.