пишува Кирил Ефремовски
По неколку месечно делување од позиција на дефанзива, Никола Груевски повторно офанзивно го диктира политичкиот живот во Македонија. Не знам каква е перцепцијата на меѓународните претставници во земјата за тоа кој сега е најмоќниот политичар во државата, но знам дека најголемот број граѓани името на Груевски уште долго ќе го изговараат со страво почитување. И покрај сите зададени „политички удари“ што домашни што странски, Груевски на жалост, се уште е политичарот со најголема моќ во оваа држава, признал некој или не. Темпото и развојот на настаните минатата недела само покажаа дека благодарение на нечија неконзистентност, нецелосна истрајност во процесот и, одредено калкулантство, ДПМНЕ супституиран од ДУИ повторно го диктира темпото и насоките во политичкиот расплет и барам за момент совршено изграа купување на време, а на сметка на забавување на целокупниот процес во политичката разрешница и нов вид супримација од нива страна.
Во следните десетина дена ќе дознаеме дали започнатото соло предводено од Груевски, додека Ахмети игра двојни игри, ќе заземе поинаков тек, или процесот ќе се врати на првично зацртаната траекторија проектирана од странците. Идните потези во процесот, се разбира, најмногу ќе зависат од постапките на опозицијата, но подеднакво важна ќе биде и Шарената револуција и масовноста, односно каков ќе биде типот и правецот на протестите во следниот период. Врз основа и на таквите делување, би следувале дел од потезите кои дополнително ќе ги преземе меѓународната заедница.
Од друга страна пак, токму тие меѓународни претставници, држејќи го политичкиот процес што подалеку од очите на јавноста и граѓанското општество, а притоа досега потпирајќи се само на „кадарноста“ на опозицијата како единствен политички репрезент во процесот, дозволија нивниот производ ДУИ малку повеќе да им ги помати сметките. Не знам како се чуствуваат оние бирократи среде Вашингтон во познатиот “Foggy Bottom”, бидејќи Али апла ги „изуринира“ додека тие тераа преговори со Заев и останатите, ама знам дека многумина од белата палата со право и злобно во фаца им се смеат на многумина политички советници од амбасадата на Кале.
И токму поради таа несмасна и по одредени својства двојна игра на амбасадата на Кале, но најмного на онаа наспроти “Рамстор“, граѓаните на Македонија дополнително ќе живеат во неизвесност за својата иднина. Груевски веќе преговара од позиција на апсолутна моќ, додека работата и целокупното делувањето на СЈО и Јанева висат во воздух, а Хојт Ји, Хајндл и Орав и натаму само ќе апелираат за владеење на правото и целосно укинување на аболицијата, чунки нели делумна правда е неправда.
Во таков контекст може да се протолкуваат и сите изјави дадени изминатите неколку дена, а она што дополнитело загрижува се потезите кои барем до сега е познато дека ќе следуваат, а се однесуваат во насока “граѓанското помирување“. (?!)
Додека меѓупартиските преговарања и натаму се држат во целосен молк, што подалеку од очите на јавноста, а шпекулациите дека наскоро ќе се формира нов тип на техничка влада, во која ќе има 2 или 3 столчиња за надпартиските „експерти“ се повеќе се зголемуваат, одредени дипломатски кругови после конзистентното споменување на граѓанското општество во повеќе изјави и соопштенија како важен фактор во процесот, се обидуваат да им дадат легитимитет и на Гдомовци.
ПРОВЛАДИНИТЕ ДВИЖЕЊА ЌЕ НЕ ПОМИРУВААТ?
Отворајќи го тој пат за ново компонирање на техничка влада, која доминантно ќе биде партиска, но за ресорите кои се најголем трн во окото и на СДСМ и ДПМНЕ ќе треба да се најде одредено надпартиско решение, делегацијата на ЕУ решила да ги „помири“ граѓанските организации и неформалните граѓански групи и движења. Така, веќе во среда би требало да гледаме нов тип на меѓународно медијаторство помеѓу #протестирам и Шарената револуција и ГДОМ. Всушност, на една од највисоките средби на кои интерно се собираат сите амбасадори и врвни дипломати во државата наречена „Хомс“, на иста маса би требало да седат претставници на граѓаните кои бараат правда, слобода и демократија, со претставници на ВМРО ДПМНЕ, овај… со нивниот клон претставен во ГДОМ.
Немам ништо против идеата за помирување и надминување на разликите помеѓу граѓните во Македонија кои сакаат евро атланска иднина на ова парче земја, кои се за владеење на правото, но не можам да разберам каква е потребата од давање на дополнителен легитимитет на болументата на Груевски, па и европски, токму на оние кои субвенционирани со стотици илјади евра наши пари, кои десет години не трујат и ги перат мозоците на овој недоволно образован народ за „Македонија НЕ за ЕУ“?! Тие истите со милиони евра платено телевизиско време, повторно со наши пари, кажуваат дека „Чадорот“ крои план за разнебитување на лулката на цивилизациите, за обезличување на напатениот македонски народ и ова библиска земја, за промена на името и идентитетот…
АНТАГОНИЗМОТ ЌЕ СЕ ПРОДЛАБОЧУВА
Како истите тие ЕУ службеници и ред други амбасадори ќе ја објасат потребата од таков начин на „помирување“ со најскапо платените перјаници на пропагандата предводени од Класната од Кала и Африм од Мечкуевац, кои десет години штанцаат баслосовни хонорари заради јазик на пизма, говор на омраза, за бетонски плочи, листи за отстрел… и сега со сите тие би требало да бидат на иста маса во среда? Зарем дипломатскиот кор во Скопје толку брзо заборави со кави се епитети ги редат Гдомовци нив и, што се не ги испоранија истите дие дипломати и амбасади токму фронтмените на ГДОМ? На крајот, зарем треба во таков формат да се разговара со истите оние кои пред четири години во Брисел направија инцидент после кој цела година ја хранеа пропагандата на Груевски и Али? Зарем не мислите дека истото нема да го направат и во среда?
Наивно е да се очекува дека тавкиот состанок би поминал без никакви инциденти кои и покрај природата на настанот нема да можете да ги скриете. Впрочем тие првенствено ќе се појават таму за да исценираат нов инцидент. Тоа се истите оние Гдомовци кои повикуваат на војна и финална пресметка со странскиот окупатор и чадорот; кои пишуваат црни листи за отстрел во кои се наоѓаат имињата на оние со кои наводно ќе треба да се обидат да се помират, а под меѓународно посредништво.
Конечно, каков би бил тој процес во кој преку таканаречено граѓанско помирување на условно кажано двете паралелни граѓански општества, а под палката на допломатскиот кор, критички настроената јавност претставена преку легитимни невладини организации, граѓански иницијативи и движења ќе треба да се „помири“ со оние кои застапуваат политичари кои краделе, кои лажат, се сомничат за енормна корпуција и кршење на законите,а се аболицираат заради сиот тој криминал?
Колку и да се искрени ваквите потези на меѓународната заедница во Скопје, колку и да сакаат навистина да овозможат луѓето со спротивставени ставови да почнат да комуницираат и дебатираат едни со други, најблаго кажано, ваквиот потег многу повеќе ќе се толкува како политичка фарса и двојна игра, од која единствено ќе потентираат оние кои сега ниту ги признаваат европските и меѓународни претставници, ниту ги почитуваат. Давањето легитимитет на ГДОМ овци, под меѓунардона капа, само дополнително ќе го зголеми антагонизмот и анимозитетот во поделеното општество.
На партиските преговори и целокупниот процесот за излез од кризата насушно и треба поинаков пристап и зголемена транспарентност, но таа во никој случај не се постигнува со двојни игри, односно пристап на помирување со гдомобраните, а всушност со врхушката на власта претставена “граѓански“ преку ГДОМ, бидејќи токму тие се оние кои „цивилно“ ја претставуваат кликата на власта, а не граѓани со спротивни ставови од оние на критички и опозициски настроената јавност. Затоа драги наши од меѓународната, променете го пристапот, престанете со двојните игри, покажете поинакви решенија и поддршка, доколку имате намери процесот успешно, побрзо и што побезболно да заврши.