Две нови зебри пристигнаа во ЗОО: Јашари сака да се гали, Јанош е погорделив!

by fokus

Зоолошката градина во Скопје доби нови жители, две зебри. Јашари имал девет месеци и доаѓа од Чешка, додека пак Јанош е стар година и пол и доаѓа од Словенија.

Тина Мицковска, портпарол на ЗОО Скопје и активист за првата на животните вели дека веднаш се забележува карактерот на зебрите и додека малиот Јашари уште по пристигнувањето сакал да се гали, a Јанош бил погорделив и му требало повеќе време да се опушти. Двете зебри биле во одлична состојба и се сместени во живеалиште кое беше реновирано и приспособено за нив.

-Зебрите патуваа од Чешка до Македонија со посебен специјализиран превоз за животни. По пристигнувањето, веднаш се приспособија, особено малиот Јашари кој има девет месеци. Јашари веднаш се погали и запозна со вработените, како воопшто да не е заморен што патувал толку часови. Јанош, Словенецот, пак има година и пол и е малку погорделив од својот другар, но и тој се опушти по некое време. Сега ги очекува период на карантин, за да можат полесно да се приспособат и да го научат новото живеалиште кое се простира на голема површина и беше реновирано специјално за нив. Во иднина, планираме да донесеме и женки за двајцата млади убавци- ни изјави Мицковска.

Во зоолошката градина наскоро се враќа и шимпанзото Коко, кој беше на лекување од депресија во Институција за ресоцијализација на шимпанза Алмере, во близина на Амстердам, по цели десет години. За да не падне повторно во депресија, тој ќе си донесе и друштво, односно со него ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и еден мажјак. Најавено е и пристигнување на фламинга и морски лав.

Вики Клинчарова

Поврзани новости