Членка на Централниот комитет на Левица вчеравечер во Битола беше нападната од страна на две маскирани лица, соопшти денеска Здравко Савевски од Левица преку својот профил на Фејсбук.
Савевски напиша дека синоќа, околу 1 часот по полноќ во Битола, две маскирани лица ја нападнале Ивана Атанасовска, членка на Централниот комитет на Левица, кога се враќала кон својот дом.
„Маскираните лица ѝ довикувале „Левица – нема правда, нема мир“ и „Пази се“. За среќа, на улицата каде што се движела се појавиле автомобили, по што напаѓачите веднаш избегале и Ивана успеа да се извлече од нападот без повреди. Бидејќи ова е втор ваков случај за многу кратко време, ние како Левица мора да нагласиме неколку работи:
Прво, заканите што се упатени од лица со фантомки, доцна во ноќта во заседа нема да нѐ заплашат да делуваме политички. Ги повикуваме плашливците јавно да се покажат, а не да се кријат, да доаѓаат во групи и напаѓаат поединци од заседа.
Второ, кукавичкото насилството и неговото толерирање е резултат на нефункционалното судство, обвинителство и регуларната полиција. Останува да видиме дали во овој случај законот ќе профункционира или ќе продолжи неговата селективна и пристрасна примена!
Трето, ова е нешто кое се повторува и има тенденција да продолжи со уште позасилено темпо во иднина. Ова е разголување на авторитарните тенденции во нашето општество“, пишува Савевски на Фејсбук.