Две години затвор за Сулејман Љамалари за напад врз градоначалничката Данела Арсовска

by irena 13:11
13:11

Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Како што потврдија од судот, во изречената казна ќе се засмета и времето кое обвинетиот го поминал во притвор.

Случајот се однесува на инцидентот од 11 јули 2025 година, кога Арсовска била на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба. Според обвинението, Јамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката физички и вербално, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани.

Основен кривичен суд Скопје информираше дека денеска е објавена пресудата по предметот К.бр.1338/25, со која обвинетиот С.Љ. го огласи за виновен за сторено кривично дело – Насилство од член 386 став 3 вв со став 1 од Кривичниот законик, по што му изрече казна затвор во траење од 2 – две години, а заради тоа што на 11.07.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на Град Скопје,

„Согласно член 47 од Кривичниот законик, во изречената казна затвор на обвинетиот С.Љ. му се засметува и времето поминато во куќен притвор, преиначена во мерка притвор.

Против ваквата пресудата странките имаат право на жалба во рок од 8 – осум дена по приемот на пресудата, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје.

По однос на мерката притвор, судот одлучи дека истата да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 – шеесет дена“ стои во соопштението од Кривичен суд.

Во текот на судскиот процес, обвинетиот тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва на настанот, и дека бил нападнат од Арсовска. Тој изјави дека само се обидувал да го тргне нејзиниот телефон за да спречи неовластено снимање, и дека бил удрен со нога од страна на оштетената.

Во сведочењето, пак, градоначалничката го опиша настанот како „агресивен и опасен“, при што таа се чувствувала „загрозено, несигурно и исплашено“. Според неа, нападот траел над 40 минути, а интервенцијата на полицијата била неопходна.

Судењето го водеше судијката Билјана Коцевска, а застапник на обвинението беше обвинителот Александар Давчевски.

Слични вести