Две години по поплавите во Стајковци, ВМРО се фали дека граделе улици, а СДСМ дека чисти канали

by Фокус

По повод две години од поплавите што го зафатија скопско Стајковци и околните села, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе иницијатива во рамки на Советот на Општина Гази Баба за подигање на спомен-обележје во чест на 24-те загинати во поплавите.

Воедно, опозициската партија истакна дека владата предводена од ДПМНЕ на овој немил настан максимално ги ангажирала сите расположливи ресурси и механизација за нормализирање на состојбата и надминување на последиците од катастрофалното невреме во погодениот регион.

„Во оваа година ипол на власт СДСМ нема асфалтирано ниту една улица. За разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ направи фекална канализација во Стајковци и Ченто и колектор до Вардар, а асфалтираше и 106 улици. Благодарение на одлуката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и финансиските средства што беа обезбедени се направи комплетна реконструкција на улиците, водоводната и фекалната мрежа, училиштата и игралиштата“, велат од опозициската партија.

Од владејачкиот СДСМ, пак, возвратија дека опозицијата бесрамно предлага споменик за оние што ги загубија животите пред 2 години, а не презеде ништо таквата кастрофа да не се случи.

Социјалдемократите истакнуваат дека многу човечки животи можеа да се спасат доколку се презедеа превентивни мерки за одржување на ободниот канал за одводнување, доколку не беа запоставени каналиите и речните корита, доколку соодветно реагираа институциите кога веќе се случи поплавата…

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски заглавена во криминални шеми за богатење на фамилијата не инвестираше во инфраструктурата и целосно погрешно дејствуваше за време на поплавите. Граѓаните беа оставени сами на себе. Денеска, каналите и каналните мрежи се чисти, саниран е страчинскиот канал, се санира и другата инфраструктура, општината и надлежните министерства преземаат мерки за нов ободен канал над северната заобиколница со што трајно ќе се реши проблемот со поројните води“, велат од најголемата владејачка партија.

Поврзани новости