Веста за 29-годишниот М.Д. од Струмица, кој бил исчезнат една недела, а за кого денес МВР соопшти дека заминал во соседна Бугарија, ја потсети јавноста на уште едно исчезнување на младо момче кое се случи во Струмица пре две години, но до денес нема трага од него.
Станува збор за Никола Милев, кого на 19-ти ноември 2021 година неговата сестра го пријавила за исчезнат. Во моментот на исчезнување тој имаше 27 години.
За момчето родум од Радовиш, кое живеело кај неговата сестра во Струмица и било вработено во приватна фирма во последните пет месеци пред исчезнувањето, ,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати.
Последен пат бил виден од сестра му на 18-ти ноември 2021 година, околу 21 часот, кога излегол од домот во кој живеел со неа, и повеќе не се вратил. Мобилниот телефон му бил исклучен, па вознемирената сестра наредниот ден го пријавила исчезнувањето во полиција.
Како што тогаш раскажуваа негови пријатели, тој бил мирно момче, во Радовиш живеел сам со татко му, бидејќи мајка му била почината, но поголемиот дел од времето го минувал во Струмица, каде неговите две сестри престојувале и работеле.
Се објавуваше неговата фотографија на социјалните мрежи, се бараа информации каде би можел да биде, но случајот се уште е енигма и останаа отворени прашањата околу судбината на Милев.
Од СВР Струмица тогаш за ,,Фокус” истакнаа дека истрагата е во тек, но и по две години Никола не е пронајден.
Десеттина дена по исчезнувањето ,,Фокус” ја контактираше и неговата сестра, која кажа дека семејството решило да не дава изјави за медуми, и оставале институциите да ја водат истрагата.
-Надлежните служби ја водат истрагата. Не сакаме ништо да изјавуваме, фотографијата на Никола веќе се објави насекаде, оставаме институциите да работат-гласеше нејзината кратка изјава по повод исчезнувањето на брат и.
И денес, од СВР Струмица се уште немаат одговор околу тоа што се случило со момчето, но велат дека истрагата за случајот се уште трае.
Фотографијата и податоците за Никола се објавени на официјалната страница за исчезнати лица на МВР. На истата страница стои и фотографијата на Марија Брзакова (28), која исчезна од Босилово, Струмица во јануари 2020 година и се уште не е пронајдена.
Вики Клинчарова