Отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, кое ќе се случи на 30-ти октомври, е актуелна тема во јавноста изминатиот период.
Околу тоа кој го финансира клубот, кој е лоциран на ул. Димитар Димов бр. 14 во Благоевград, чија е цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Македонија и Бугарија и да ги зајакне врските меѓу Македонците и Бугарите ширум светот, повеќе информации се објавени на страницата на ОМО Илинден – Пирин.
Од таму откриваат дека зад отворањето на клубот стои Друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнувало својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија.
Финансиери на клубот биле двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто, Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас, а пак посредник било Македонско меѓународно движење за човекови права. Повеќе детали за финансиерите Цанев и Остас не се објавени.
Од ОМО Илинден – Пирин упатија јавна покана до сите Македонци да дојдат на отворањето на клубот, кое ќе започне во 12 часот по бугарско време во недела. Појаснуваат дека настанот е дозволен од градоначалникот на Благоевград, и добредојдени се сите добронамерници. Поканети се премиерите на Бугарија и Македонија, амбасадори и градоначалникот на Благоевград, како и медиумите од двете страни на границата.
Вики Клинчарова