Пишува Ирена Мулачка
Двајца анестезиолози од вкупно 13 во Градската болница „8 септември“ во најголемиот ек на пандемијата со Ковид 19 одлучиле да ја напуштат и да заминат на работа во приватната болница „Систина“, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, тие во петокот се обратиле до директорот на болницата, доктор Кристијан Костов позната како Ковид центар и во која во моментот се носат најтешките случаи за да им потпише отказно решение. Нашите извори уште тврдат дека едната од анестезиолозите претходно веќе работелз во приватната болница, но се вратилз во Градската болница, од која сега сака повторно да замине. Оттука, се поставува прашањето која е причината што пред еден месец си отишла од приватната болница?
Како што дознаваме, на двајцата анестезиолози за да останат на работа во болницата им било понудено да останат и две недели на одмор, но сепак во најтешките моменти во историјата на оваа болница да не ги оставаат на цедило нивните колеги, кои деноноќно водат битка да им го спасат животот на заразените пациенти.
Тоа значи дека, ако двајцата анестезиолози заминат во „Систина“, во болницата ќе останат само уште 11. Факт е дека тие управуваат со респираторите, а нема ден во ГОБ „8 септември“ на респираторна машина да не се ставени 8 или 9 пациенти заразени со корона вирус, кои се наоѓаат во најтешката фаза.
Нашите информации ги потврдија и од болницата.
„Фокус“ уште претходно објави со што се соочува болницата и покажавме фотографии од заразените пациенти и здравствените работници кои се на работ на силите.
Додека на почетокот на корона кризата, скопската Инфективна клиника беше главно упориште на заболените од овој опасен вирус, наеднаш Градската болница од 16 март се претвори во главен ковид-центар. Од почетокот на корона вирусот, се примени повеќе од 1.500 сомнителни случаи на кои им се земени брисеви, за да се провери дали се носители на заразниот вирус, кој коси низ светот.
Секоја вечер во болницата пристигнуваат од 15 до 20 пациенти со пневмонии, кои се потенцијални носители на вирусот. Најстрашното од сѐ во приказната е тоа што таму се носат пациентите со најтешка клиничка слика, од кои дел завршуваат на респиратор, додека дел се на кислородна поддршка. Сепак, тоа не се сите случаи на пациенти заразени со корона вирусот, со оглед на тоа што дел од пациентите на болничко лекување сѐ уште чекаат резултати од земените брисеви.
Исто така, тоа што е уште пострашно е дека за време на целата корона криза во Градската болница работат само двајца инфектолози, а во моментот таму се хоспитализирани 140 пациенти носители на смртоносниот вирус, а оваа болница секојдневно ги полни црните статистики со починати.
Заклучно, со вчерашниот извештај на министерството за здравство, во ГОБ „8 септември“ починаа пет пациенти од вкупно седум, на возраст од 56, 62, 64, 65 и 82 години и со тоа вкупната бројка на починати од Ковид 19 се искачи на 341 лице.