Притвор за две лица осомничени за киднапирање на Италијанка во Охрид

by Fokus

Основниот суд во Охрид одреди осумдневен притвор на две лица на возраст од 19 и 20 години, осомничени дека на 3 јули 2020 година противправно ја лишиле од слобода и го ограничиле движењето на државјанка на Република Италија.

– Првоосомничениот, кој имал привремен престој во Италија, во државава пристигнал заедно со оштетената, со намера да ја убеди таа да склучи брак со второосомничениот, негов роднина од Скопје, за да може и тој да замине во Италија. Откако пристигнале, осомничените ја заклучиле оштетената во стан во Охрид и се оддалечиле во непознат правец. Настанот бил пријавен од Амбасадата на Република Италија, по што осомничените биле пронајдени и лишени од слобода, стои во соопштението од ОЈО.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид до Основниот суд Охрид достави Предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени, поради постоење опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело. Судот го прифати предлогот и со Решение на двајцата осомничени им е определен притвор во траење од по осум дена.

За двајцата постои основано сомнение дека го сториле кривичното дело – Противправно лишување од слобода од член 140 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Поврзани новости