Два од петте закони за коридорите денес на собраниска седница

by Fokus

Собранието денес ќе расправа предлогот за измени на Законот за работни односи и на Законот за урбанистичко планирање, кои вчера поминаа на Комисијата за европски прашања.

Овие закони се два од петте закони кои власта ги предложи, а се поврзани со изградба на коридорите 8 и 10д. Предлог-измените на Законот за работни односи се 14. точка, а измените на Законот за урбанистичко планирање 17. точка на 115 седница на Собранието.

Комисијата за европски прашања денес треба да биде разгледан и Предлог законот за измени на Законот за градење.

Овие закони се предложени со европско знаменце, затоа комисиската расправа за нив се води во Комисијата за европски прашања.

Реакции зошто на овие закони се става европско знаменце, со што тие се носат во забрзана постапка имаше и од опозицијата, но и од Европската унија, од каде изјавија дека измените на овие закони не значат усогласување на стандардите од европската регулатива. Делегацијата на ЕУ во земјава побара да не се злоупотребува европското знаменце.

Со измените на Законот за работни односи се овозможува прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за активности од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Поради природата на работите, како што образложи предлагачот на законите, дозволено ќе биде активностите да може да се спроведуваат и во недела.

„Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Согласно со Законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор“, информираа од Владата по усвојувањето на пакетот од пет закони кои се носат по скратена постапка и со европско знаменце.

Министерството за труд и социјална политика објасни дека прекувремената работа нема да значи 60 часа неделно, туку таа ќе зависи од временските услови на терен, а секој прекувремен час ќе биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор, со претходна изјава за согласност од работникот.

„Работата над 40 часа неделно ќе се смета и плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор. Тоа значи дека работникот ќе има право на одмор од најмалку 12 часа во непрекинато меѓу два последователни денови во текот на 24 часа. Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите што се вршат во работоте од национален интерес се јави потреба да можат да се спроведува и во недела. Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на плата на работници на проекти од национален и стратешки интерес“, објаснија од Министерството за труд и социјална политика.

Од Сојузот на синдикати на Македонија ги повикаа пратениците сериозно да размислат пред да гласаат за законот со кој се кршат работничките права. Поддршка, како што информираа, добиле и од Светската конфедерација на синдикати (ITUC) и од Европскиот синдикат за јавен сектор. – Овој закон е опасен.
Синдикатите ја нагласија важноста на осумчасовниот ден и 48-часовната недела за заштита на здравјето и безбедноста на работниците.

„Владата на Северна Македонија е должна да го поддржи ова и веднаш да го повлече овој опасен закон“, препорачуваат од Светската конфедерација на синдикати

Во писмото, пак, од Европскиот синдикат за јавен сектор се наведува дека прекувременото работно време претставува сериозна закана за здравјето и безбедноста и ја загрозува испораката на безбедни и квалитетни јавни услуги.

„Се здружуваме со ITUC во повикувањето на Владата на Северна Македонија да ја повлече оваа иницијатива и целосно да се ангажира со социјалните партнери за секоја планирана ревизија на трудовото законодавство“, напиша Европскиот синдикат на јавен сектор, и додаваат дека внимателно ја следат ситуацијата.

Поврзани новости