Музичката легенда Драган Мијалковски (73) ќе одржи два концерти во Скопје, на втори и трети април, во Национална опера и балет.
Јубилејните гала концерти со кои Мијалковски одбележува 60 години кариера, ќе се одржат во придружба на Големиот концертен оркестар и членови од Националниот џез оркестар во организација на Радио Бубамара.
– Концертот ќе се снима со цел да се архивира за идните генерации , затоа подгответе се заедно да ги пееме незаборавните ,,Кажи ми”, ,,223-3О5”, ,,Скопје радост моја”, ,,Кажи нешто драга”, ,,Перонот 3”, ,,Моја малечка гулабице”, ,,Убава си како музика”, Ти така ми доаѓаш”, ,,Оди си”, ,,Иди иди душо моја”, ,,Гитаро моја”, ,,Лебеди пловете” и други незаборавни евергрини.
Ексклузивно на овие концерти ќе слушнеме и две нови песни од новиот албум на Драган Мијалковски и може да се пофалиме дека ќе бидете воодушевени – велат од Радио Бубамара.
Најавуваат дека ова ќе биде незаборавна вечер за сите генерации и вистинско уживање со аранжманите на Драган Џаконсвски Шпато, Александар Џамбазов, Тодор Бојаџиев, Кире Костов, Ванчо Димитров и други, како дел од убавата музичка историја.
– Концертот ќе се памети како голем културен настан во кој ќе ја прославиме нашата музичка култура и нашите најголеми музички вредности, порачаа од организацијата.
Влезниците се со цени од 1.250 до 1.800 денари.
Инаку, Мијалковски го доби признанието за животно дело на годинашната манифестација „Златна бубамара на популарноста“.
Вики Клинчарова