Високи 57,3 отсто од македонските граѓани сметаат дека државава има неквалитетно образование, а 35,6 отсто се убедени дека има квалитет, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС).
Податоците од анкетата покажуваат дека незадоволството кај граѓаните од образованието денеска е поголемо отколку во 2019 година кога нездоволство од образованието имаше кај 51,6 отсто од анкетираните граѓани.
Ако се гледа според образованието на анкетираните, анкетата покажува дека колку што е повисоко образованието на испитаниците, толку е и поголемо нивното незадоволство. Па така, 67,2 проценти од граѓаните со високо образование сметаат дека образованието во земјава не е квалитетно. Слично мислење имаат и оние граѓани кои имаат завршено средно образование-61,3 проценти сметаат дека имаме неквалитетно образование.
Основното образование заедно со средното е најниско оценето од граѓаните. На скалата од 1 до 5 основното образование има средна оценка 2,65, а средното 2,64, додека средната оценка за високото образование е 2,73.
Споредено со анкетата на Детектор од 2019 година, граѓаните на сите нивоа на образованието ги намалиле оценките. Па така, средната оценка на основното образование од 2,85 паднала на 2,65, на средното од 2,73 се спуштила на 2,64, а на основното од 2,84 се намалила на 2,73.
Граѓаните се најнезадоволни од квалитетот на учебниците. Дури 64,8 отсто од нив изразиле незадоволство од квалитетот на учебниците додека како задоволни се изјасниле само 19,6 отсто.
Големо незадоволство има и од наставните програми. Дури 56,8 проценти од граѓаните рекле дека не се задоволни од нив, а задоволни се 22,1 отсто. Од наставниот кадар не се задоволни 44,8 проценти од анкетираните додека 36 проценти немаат проблем со наставниците.