Инфлуенсери од целиот свет, кои имале значително влијание на социјалните мрежи добија можност за бесплатен престој во Катар за време на Светското првенство, а освен сместување во модерни апартмани, платен повратен авионски билет во економска класа, тие добивале и по околу 70 долари дневно.
Условите кои ги објави организацискиот комитет се инфлуенсерите да се вклучат онаму каде што е соодветно, со содржини обезбедени од катарските организатори и да го поддржат Светското првенство со „лајкување“ и повторно споделување на објави од трети страни.
Веќе 1.600 инфлуенсери заминале на спозорираното патување во Катар. Уште еден од условите кои требало да ги исполнат избраните лица, е тоа да останат во земјата најмалку до 4-ти декември, а пожелно било и да се остане до крајот на првенството.
Тие исто така морале да се согласат да пријават какви било навредливи, понижувачки или дискриминирачки коментари на социјалните мрежи до организацискиот комитет, а лицата со очигледна политичка припадност биле исклучени од проектот.
-Бидете подготвени во вашите дресови, со знамиња и шалови, да се веселите и да навивате, а камерите ќе се фокусираат на секоја група со инфлуенсери – им било кажано на избраните.
Од Македонија, барем до сега, ниту една инфлуенсерка или инфлуенсер се нема пофалено со фотографии од Катар. Од соседна Србија, но и од Хрватска, во повеќе наврати во кадар се појавија провокативни навивачки, но нема информација дали се дел од проектот со спонзорираните инфлуенсери или пак отишле на првенството на своја рака.
Вики Клинчарова