ДУПЕР: Не сакаме да сме нечија копија, сакаме да правиме музика која возвишува, фрла на земја, буди чувства…

by fokus

Иако јавноста ги запозна пред само неколку месеци, групата ДУПЕР од Скопје стана вистински хит и освежување на македонската музичка сцена. Триото досега сними две песни, кои постојано се на радио-станиците низ државава, а како што најавуваат, им претстои уште многу работа.

„Не сум твој тип“ и „Имаш тело за на ТВ“ направија вистински „бум“ во етерот. Првата песна, која беше снимена во текот на летото, на Ју Тјуб ја поремина бројката од 1 милион прегледи. Како што велат од ДУПЕР, не очекувале таков „позитивен шок“.

„Не очекувавме ништо блиску до оваа бројка. Секој ден сме среќни заради успехот, но искрено повеќе и не броиме прегледи секој ден. Сега сме фокусирани на останатите песни кои допрво следат, а „Не сум твој тип“ ја оставаме сама на кратко“, порача групата.

Како што велат тие, работењето во музиката си бара голема жртва и посветеност. Песната „Не сум твој тип“ се работела неколку месеци.

„Само снимањето траеше месец дена, но претходно неколку месеци ја создававме, со тоа што не работевме константно на песната. Реално бара пожртвуваност, но во смисла на енергија. Иако, ако го правиш со задоволство, не се чини така“, додава триото.

Борис, Мартина и Илчо сериозно навлегуваат во музичките води, а како што ни најавија, треба да се очекуваат соработки со познати македонски имиња во иднина.

Како што велат, им се допаѓа тоа што музиката која тие ја творат, допрела до многу луѓе.

„Не се чувствуваме популарни. Не ни знаеме како треба да се чувствуваме. Ни се допаѓа тоа што е нашата музика допре до толку многу луѓе и за тоа сме многу среќни и благодарни. Ништо не правиме заради некаква слава.“

Во едно од телевизиските интервјуа, Илчо откри дека ДУПЕР има песни подготвени за два албума. Тие велат дека „не знаат до каде ќе стигнат“.

 

„Останува да видите. Ние сме во постојано движење, а таква е и нашата музика. Кој знае до каде ќе стигнеме.“

Со самата популарност, доаѓа и многу повеќе работа, а на тој начин и расте позитивен притисок кон ДУПЕР, а голем дел од граѓаните имаат големи очекувања од нив. Тие порачаа – никогаш не ги плаши работењето, а како трио совршено функционираат.

„Постојано се зборува за некаков притисок, веројатно во смисла на тоа дека следат многу работи во иднина, но нас никогаш не не плашело работењето. Всушност и до сега имаше премногу работа, само што оваа работа за нас е уживање, па не делува тешко. Засега функционираме совршено како трио.“

Голем дел од аматерските бендови тешко испливуваат на површина и остануваат анонимни за голем дел од јавноста. Триото од ДУПЕР ги охрабрува сите млади што се занимаваат со музика, да не се откажат во нивната цел.

„Просторот е широк и повеќе од доволен. Секогаш има место за нешто ново. Ние не почуствувавме никаква препрека до сега, напротив многу поддршка, па затоа и ги охрабруваме сите оние кои се двоумат, да влезат во овие води.“

Тие посочија дека не размислуваат за учество на некој од македонските фестивали, но како што порачаа, подготвени се за евровизиски настап.

„Се ќе дојде во свое време. Во моментов не размислуваме за настап на некој од фестивалите во Македонија. Сметаме дека сме подготвени за чекор кон Евровизија, но се уште не знаеме дали сме за таму“.

Постои ли некоја анегдота околу снимањето на песните или видео-спотовите, нешто интересно што ви се случило изминатиот период како ДУПЕР?.

„Секое влегување во студио ни врне. Се надеваме тоа е некаков добар знак, но сепак е чудно, навистина чудно.“

Нивните песни често се вртат на радио-станиците и позитивно се примени кај голем дел од македонската јавност. Како што велат, во тие мигови ги обземаат убави чувства.

„Појачај, појачај!“ е генералната реакција што слушнеме наша песна на радио. Тоа е тоа што другите го слушаат, а тоа што го чувствуваме во нас е сто пати посилна комбинација од сите најубави чувства.“

Нивната цел е творење на авторска музика со цел да допрат до што повеќе луѓе. Исто така, додаваат дека нема да бидат ничија сенка на музичката сцена.

„Не сме завидливи, ниту пак сакаме да бидеме нечија сенка или копија. Има многу уметници кои ги почитуваме и се наша секојдневна инспирација, но и тие се менуваат периодично.“

Музиката во Македонија помина низ голема револуција и многу музчки имиња и групи се качија, но и ги „снема“ од сцената.

„Она што го забележуваме е дека музиката во Македонија постојано се менува и тоа е добро. Од 90те до сега има смена на еден куп жанрови, а и промени во самите жанрови. Нас ни се допаѓа и тогашната и сегашната музика.“

Голем дел од македонските музичари имаат направено преработки на стари македонски песни. Но, од ДУПЕР раскажуваат дека немаат време за такви експерименти, затоа што сакаат да остават многу авторски песни зад себе.

„Сакаме да правиме музика која пред сѐ ни се допаѓа нам. Сакаме музиката да буди чувства, да возвишува, да фрла на земја, да те тера да се смееш и плачеш, да спојува енергија, да предзвикува и среќа и љубов и тага и…“, го завршија разговорот ДУПЕР.

Јорданчо Цветаноски

Фото – Томи Акимовски

Поврзани новости