Адвокатот, Сашо Дуковски, кој го застапува екс директорот на БЈБ, Митко Чавков, тврди дека никој од осудените за „27 април“ не сторил било какво кривично дело. Тој најавува дека казната од 18 години затвор за Чавков ќе биде обжалена кон повисоките судски инстанци.
-Никој од тие луѓе што се таму обвинети нема сторено било какво кривично дело. Правната квалификација е сосема погрешна. Не можете едни луѓе да гоните за едно кривично дело, а други за друго кривично дело за истиот настан. Ќе ги исцрпиме сите можни правни лекови што ни ги дозволува законот, почнувајќи од Апелациониот суд, ако не успееме ќе одиме до Врховниот суд – изјави Дуковски за Тв21.
Наспроти неговата изјава дадена од позиција на адвокат на еден од обвинетите за упадот во Собранието, во 2017 година, неколку недели по инцидентот Дуковски даваше сосема спротивни изјави со згрозеност од насилните настани.
-Не може да се толерира физичко насилство во храмот на законодавниот дом. Тоа е срам за Македонија, сум се срамел што сум граѓанин на Република Македонија. Ниедна работа не е толку света за вие да влезете и физички да ликвидирате, човек, чистачка, а камоли пратеник. Каков е тој излив на насилство, на милион кривични дела, обиди за лишување живот. Гледав како го влечеа Села, ме потсетува тоа на слики на Гадафи кога го убиваа. Ова е најсрамниот ден за македонската полиција – рече Дуковски во дебата на Телма.