ДУИ по инцидентот: Собранието ќе продолжи да функционира во прозападно-американски дух

Според ДУИ, насилство во Собранието извршиле пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.

by fokus

Демократската унија за интеграција најостро го осудува насилството што денеска на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието го извршија пратениците на ВМРО ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците.

Ова е реакцијата на ДУИ на денешниот инцидент во Собранието кога координаторот на нивната пратеничка група Арбр Адеми со филџани и шишиња фрлаше кон пратениците од опозицијата.

-Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем.
Денеска на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО ДПМНЕ и другите опозициски партии со насилство ја блокираа работата на Комисијата и токму пратениците кои се под истрага, поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата.
Демократската унија за интеграција ги информира граѓаните и пошироката јавност дека Собранието ќе продолжи да функционира во прозападно-американски дух и ќе ја поддржи реформската агенда во партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија, порачаа од ДУИ.

Поврзани новости