ДУИ: Парите за репрезентација на Општина Чаир завршиле во кафулето на заменик-министерката Калтрина Зеколи-Шаќири

by irena 17:01
17:01

Демократската унија за интеграција изразува загриженост за тешката состојба со корупцијата во Општина Чаир.

„Илјадници евра, кои потекнуваат од нашите даноци, пари на обичните граѓани, систематски се доделувале на кафулето „1sh“, во сопственост на заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири. Овие доделувања се направени без никакво јавно објавување, само со договори „очи-в-очи“, со што уште повеќе се продлабочува корупцијата и злоупотребата на власта.

Во 2024 година само ова кафуле од Општина Чаир добило над 14.416 евра преку сметката за репрезентација, а имало денови кога сумата за еден ден надминувала 2.000 евра.

Најредовен клиент на овој локал во последните години бил персоналот од Општина Чаир. Огромни суми пари се трошеле во „1sh“ под изговор за услуги со кафе и брза храна, на нетранспарентен начин и без конкуренција.

Потсетуваме дека Законот за јавни набавки е јасен: секоја услуга што ја надминува сумата од 1.000 евра мора да помине низ транспарентна и конкурентна тендерска постапка. Ова е флагрантно прекршено во корист на бизнис кој е тесно поврзан со луѓе од власта.

Понатаму, во текот на четири и пол години, локалот „1sh“ инкасирал околу 30.000 евра од буџетот на општината.

Овој случај е типичен пример за непотизам преку политичка блискост: сопственичката е член на партијата на Изет Меџити, дел од Демократското Движење, како и партиска колешка на актуелниот градоначалник на општината.

Ова однесување ги нарушува основните уставни и законски принципи како што се транспарентноста, еднаквата конкуренција и институционалниот интегритет. Кога институцијата на општината се користи за клиентелистички придобивки, а сопственикот во прашање е висок државен функционер, не станува збор за јавна услуга, туку за заробена држава.

Денес, бараме: Целосна истрага и транспарентност од надлежните органи, строги постапки за исклучување на бизнисите со конфликт на интереси и за итно откривање на вакви шеми. Граѓани, ова не е само прашање на еден привилегиран бизнис – ова е предизвик за демократијата и иднината на нашата земја“, соопштија од ДУИ.

Слични вести