Предлогот на СДСМ доставен до албанските партии, во прашањето околу албанскиот јазик, за нив не е доволен, a ДУИ наскоро ќе испорача своја верзија за ова барање. Ова го најави денеска Али Ахмети, прашан во врска со пакетот на документите доставени од страна на СДСМ.
Истото вчера го изјави и Зијадин Села од Алијансата на Албанците, кој рече дека албанските партии сами ќе решаваат за ова прашање.
-За нашите прашања, за нашиот јазик нема да чекаме со предлог да дојде Заев или Груевски, туку тоа ќе го направиме самите и ќе условуваме тие да ги подржат – изјави Села.
Изјави на Ахмети и Села, доаѓаат по заедничката средба на која биле разгледувани предлозите на СДСМ.
Ахмети додаде дека пред нив е тешка одлука и дека им е потребно се уште време да одлучат дали ќе го прифатат предлогот за коалиција, по што треба да му ги дадат пратеничките потписи на СДСМ за добивање мандат за состав на нова влада. Иако од партијата не откриваат детали од предлог законот, сепак порачуваат дека тој не се однесува на целосна двојазичност, какво што е нивното барање.