Ахмети: Ја разгледуваме понудата на СДСМ, но одлуката е многу тешка

by fokus

СДСМ и натаму останува во исчекување на одлука од ДУИ, за тоа дали ќе ги прифатат нивните предлози за коалиција, кои писмено им ги доставија на партијата, на барање на Али Ахмети, што беше услов да им ги даде 10-те пратенички потписи за состав на влада.

Од ДУИ велат дека ги разгледуваат предлозите на СДСМ, но бараат уште време, бидејќи како што рекоа, одлуката била многу тешка.

-Се анализираат сите работи. Мислам дека во иднина ќе има конкретен одговор. Ова се прашања кои се разговараат во рамките на партијата, но јас ве уверувам дека таму не се произведуваат атомски бомби. Се разбира дека се дискутира за важни прашања во врска со политичкиот и правниот статус на Албанците во Македонија. Ние зборуваме и со другите политички партии затоа што треба да формираме заедничко мислење. Со господинот Села се сретнав и разменивме мислења– изјави Ахмети.

Засега, ниту една партија не сака да ја коментира содржината од докуменот на СДСМ. Неофицијално, камен на сопнување во преговорите и натаму е законот за официјализирање на албанскиот јазик. Иако од ДУИ не откриваат детали од предлог законот на СДСМ, сепак порачуваат дека тој не се однесува на целосна двојазичност, какво што е нивното барање.

Поврзани новости