На денешната седница на централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) беше донесена одлука 4-тиот конгрес да се одржи на 21 декември во Скопје. Партискиот портпарол Бујар Османи рече дека конгресот претставува кулминација на внатрешниот изборен процес во партијата низ ограноците.
– Самите бевте сведоци на еден исклучително демократски внатрешен процес со што ДУИ навистина воспоставува стандарди на демократска внатрешна компететивност и селекција. Сето тоа треба да кулминира на конгресот при што ќе се избира централниот одбор, претседателот на партијата, но исто така ќе се утврди и мисијата на ДУИ за наредниот период, петте резолуции кои што ќе бидат донесени како и статурните измени и новата програма, изјави Османи.
За предвремените парламентарни избори догодина нема конечни одлуки, а според Османи нема да има една изборна единица.
– На овие избори нема да има, ниту има официјално барање на состаноците на кои се разговара за подготовка на изборите, рече Османи.