Први политички консултации меѓу Македонија и Грузија

by fokus

Во Скопје денеска се одржаа првите политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Грузија, предводени од замениците министри на двете земји, Андреј Жерновски и Вакхтанг Макхароблишвили.

Делегациите разменија мислења за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за нивно унапредување, притоа истакнувајќи ја потребата од воспоставување на билатералната правна рамка во сите области од заемен интерес, како основа за натамошно продлабочување на соработката, особено во областа на економијата, соопшти МНР.

Обострано е констатирано дека воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Грузија, во февруари 2019 година, отвора можности за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, при тоа имајќи ги предвид заедничките надворешно политички приоритети на двете земји.

 Жерновски, зборувајќи за перспективите во однос на членство во Европската унија, истакна дека Северна Македонија направи огромен напредок во последните две години, како резултат на посветеноста на реформскиот процес. 

– Ние остануваме силно фокусирани на европскиот пат. За нас не постојат други алтернативи, продолжуваме да создаваме европски правила и стандарди во работењето и во промовирањето на европските вредности. Очекуваме наскоро земјите – членки да успеат да постигнат консензус за старт на преговорите со нашата држава, како валоризација на заслуженото, истакна Жерновски.

Заменикот министер за надворешни на Грузија, Вакхтанг Макхароблишвили, упати честитки за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евроатлантските интеграции, изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешно- политички приоритети.

Поврзани новости