ДУИ бара инспекциски надзор во Институтот за јавно здравје – тврди дека таму се забранува двојазична комуникација

by jadranka 14:04
14:04

ДУИ обвини дека во Институтот за јавно здравје се ограничува употребата на албанскиот јазик во службената комуникација и побара Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да спроведе надзор и да преземе соодветни мерки.

Во партиското соопштение се наведува дека, според информации од извори во Институтот, директорката Марија Андоновска им наредила на секторите службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик.

ДУИ тврди дека раководителите на секторите добиле инструкции преку телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да се прифаќаат и дека како валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик.

„Со кое право директорка на државна институција си дозволува да прогласува за неважечки документи што го содржат албанскиот јазик? Кој ѝ дал надлежност да се поставува над законот?“, прашува ДУИ.

Партијата истовремено ги критикуваше претставниците на ВРЕДИ, обвинувајќи ги дека не реагираат на наводното непочитување на Законот за употреба на јазиците.

„Нивниот молк повеќе не претставува само политичка неспособност, туку прераснува во охрабрување за сите оние функционери што се осмелуваат да го прекршуваат законот“, се наведува во соопштението.

ДУИ го поврза случајот со, како што наведува, негативните оценки во последниот извештај на Советот на Европа за состојбата во земјата, во кој се посочени и проблеми со почитувањето на јазичните права.

Од партијата побараа Владата да ги преиспита постапките на функционерите и да утврди одговорност за евентуално непочитување на Законот за употреба на јазиците.

„Инспекторатот мора веднаш да спроведе институционален надзор и да преземе соодветни правни мерки против сите оние што го прекршуваат важечкиот закон, без оглед на функцијата или политичката припадност“, се наведува во реакцијата на ДУИ.

Слични вести