По извршениот увид во штипската болница, каде што првично беше примена родилката од Делчево која подоцна почина на КАРИЛ по породувањето, Државниот санитарен и здравствен инспекторат препорача формирање Комисија за стручен надзор која треба да утврди дали има пропусти во третманот на пациентката.
При надзорот на ДСЗИ, како што соопштија оттаму, констатирано е дека пациентката која во моментот била во 39. недела од бременоста, со упат од матичниот гинеколог на 26 декември отишла на гинеколошки преглед во штипската болница, во добра општа состојба.
Прегледот покажал дека кај родилката има намалување на плодовата течност, поради што веднаш е примена на акушерското одделение за следење сè до породувањето.
„Постапувајќи по воспоставен протокол за прием, родилката С.С. од приемната амбуланта во придружба на болничар при сместување во болничката соба колабирала при што поради низок притисок и непалпабилен пулс веднаш бил повикан анестезиолог, започнато со инфузиона терапија, земена крв за биохемиски анализи, за определување на крвна група и РХ-фактор, интерреакција, хемостаза и д-димери.
Од направениот ЦТГ-запис бил констатиран fetal distress поради што итно е одлучено дека е потребно да се изврши породување со царски рез поради што родилката е внесена во акушерката операциона сала, интубирана со спроведување на нејзина реанимација и започната секција на абдоменот по слоеви“, стои во соопштението на ДСЗИ.
Утврдено било зголемено количество на крв и коагулуми во стомачната празнина поради што хируршка екипа извршила итно извлекување на плодот. Родено е живо женско дете со низок Апгар (метода за првична проценка на здравствената состојба на новороденчето).
По породувањето, од тимот на четворица хирурзи е предложена хируршка интервенција на стомачната празнина откако било утврдено дека крварењето кај родилката доаѓа од крвен сад во близина на средишниот дел на слезената по што истиот бил подврзан. По спроведената лаважа на абдоменалната празнина и по 15-ина минути откако состојбата кај пациентката се стабилизира, извршено е затворање на абдоменот.
„По краткотрајното стабилизирање на крварењето, истото продолжило од поставената дренажа поради кое пациентката запаѓа во хеморагична шокова состојба, па повторно хирушки е интервенирано со отстранување на слезената, направена е тампонада околу црниот дроб и местото на одстранетата слезена“, пишува во соопштението.
Поради влошување на хеморагичната шокова состојба на пациентката, колегиумот доктори одлучуваат пациентката со болничко возило да биде пренесена на понатамошно лекување на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје.
„Пациентака е донесена на КАРИЛ со тензија немерлива, тахикардична. Веднаш по приемот отпочнато е со интензивно лекување, поставена на механичка вентилација, продолжено со инотропна поддршка со максимални дози, земени примероци за лабораториски и гасни анализи, хемостаза, крвни групи и вирусни маркери.
За време на престојот биле реализирани следните иследувања: РТГ на граден кош и срце, ЕХО на абдомен, лабораториски и гасни анализи, хемостаза, давана терапија согласно протоколи“, стои во соопштението.
Пациентката починала вечерта на 26 декември по неуспешната реанимација.