ДС со предлог решение како за 17 дена да се избере новата влада

by fokus

ВМРО ДПМНЕ и натаму ја блокира работата на Парламентот, спречи локалните избори да се одржат во законскиот рок, а техничката Влада ја трансформира како политичка и покрај тоа што таа го изгуби и легитимитетот и легалитетот, реагираат денеска од Демократскиот сојуз и предлагаат решение за блокирањето на избор на нова влада.

-Прво, дваесет пратеници да побараат одржување на вонредна седница на Парламентот со единствена точка на дневниот ред: избор на претседател на Собранието. Ваква седница мора да се одржи во рок од десет дена од денот на доставување на барање за вонредна седница.
Второ, да се постави прашање за доверба на Владата на Република Македонија и се изгласа на истата недоверба. Седницата може да трае најдолго три дена од денот на доставување на предлогот за доверба на Владата.
Трето,мандатарот да достави предлог за избор на нова Влада и Програма за работа на новата Влада. Изборот на Влада ќе мора да заврши најмногу за 17 дена од денот на доставување на предлогот, е предлог решението на ДС.

Од партијата додаваат дека на овој начин согласно Уставот на Република Македонија и Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, ќе се деблокираат институциите и ќе започне процес на стабилизација на државата и нормализирање на животот на граѓаните.

Поврзани новости