Над 600 судии денеска гласаат за првиот состав на Советот за факти-за нивни колеги, кои ќе ги оценуваат како работат. Ова тело беше неодамна формирано, а негова задача е да ги утврдува фактите во случаите кога се поднесуваат претставки против судии. Тогаш во јавноста се коментираше дека нема потреба да се формира ново тело, бидејќи оваа надлежност ја има Судскиот совет и дека постои опасност Советот за факти да стане орудие на власта за вршење притисок врз судиите.
Во првиот состав на Советот за факти што ќе ја утврдува одговорноста на судиите, односно ќе оценува како работат, влегуваат 19 кандидати, а за нив денеска гласаат 600 актуелни судии. Меѓу нив има и судии чии имиња стана познати во јавноста судејќи познати бизнисмени и политичари. Кандидат за контролор на работата на судиите е и актуелната советничка на претседателот Ѓорге Иванов и член на комисијата за помилување, пензионираната претседателка на скопска Апелација, Филимена Маневска.
Гласањето е отворено од 8 часот изутрина, а ќе трае до 17 попладне, првичните резултати судскиот совет ќе ги даде во понеделник.
Демократскиот сојуз оценува дека денешните избори претставува „Театар на апсурдот“.
„Со гласањето за членови на Советот за утврдување на факти, судиите практично ќе изгласаат тело, коешто директно ќе го загрозува слободното судско одлучување. Овој Совет ќе има оперативно – истражувачка надлежност и треба да обезбедува факти и докази за одговорноста на судиите. Посебно загрижува тоа што помеѓу кандидатите има и такви што во изминатите десет години го разораа целокупниот судски систем, вршејќи притисоци по секоја цена, некои против кои се води постапка да бидат осудени без да постојат елементи за кривична одговорност и слично“, се вели во партиската реакција.