Заев доби поддршка од опозицискиот блок

by Фокус

На синоќешната средба со коалициските партнери на СДСМ, едногласно било потврдено дека премиерот Никола Груевски го прекршил договорот од 2 јуни и дека преговорите се неуспешни. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на координативниот состанок со партиите кои и се придружија на опозициската коалиција, добил целосна поддршка во чекорите за враќање на слободата и демократијата во Македонија.

 

„На состанокот се разгледуваа натамошните чекори на СДСМ и опозицијата во насока на интезивирање на сите можни форми и механизми за враќање на демократијата во Македонија. Партиите се подготвени да ги насочат своите активности на терен, според координираните насоки што ќе ги утврдат нивните партиските органи. СДСМ и опозицијата ќе го продолжат проектот Вистината за Македонија, се вели во партиското соопштение на СДСМ.

Оттаму додаваат и дека СДСМ и опозицијата ги почитуваат заложбите на меѓународната заедница за решавањето на длабоката политичка криза во Македонија.

„На средбата е констатирано дека сите аргументи за расипничката власт на Груевски се потврдени во најновите извештаи на експертската комисија на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе, во извештајот на Стејт Департментот, во извештајот на Меѓународната кризна група, поради што Никола Груевски нема никаков легитимитет да организира избори. Такви избори, на кои што нема да биде обезбедена слободната волја на граѓаните опозицијата нема да дозволи. СДСМ и опозицијата како што ветија, ќе ги обезбедат потребните корективи во општеството за нормализација на Република Македонија, велат од СДСМ.

Поврзани новости