Државниот секретар на Сугаревски бил осуден за злоупотреба на службената положба

by fokus

Антикорупциска комисија денеска расправаше за државнот секретар на Министерството за транспорт и врски, бидејќи бил избран на оваа позиција иако претходно бил осуден за злоупотреба на службената положба. Според Комисијата, Зоран Маневски бил осуден на условна казна затвор од 3 години.

На денешната седница антикорупционерите едногласно одлучија да му укажат на министерот, Горан Сугаревски, на овој факт и да побараат повеќе да внимава при изборот на лица на високи позиции.

Пријавата до Антикорупциска стинала од анонимен извор, кој барал запирање на постапката за избор на државен секретар. Антикорупционерите го испитале случајот и утврдиле дека пред да биде избран државниот секретар доставил уверение дека не постои забрана против него за вршење на службена положба, а доставил и решение дека бил избршан од казнената евиденција. Како што рекоа од Антикорупција бришењето е направено согласно законот бидејќи осудениот на условна се брише од евиденција по една година.

-Поради ова констатиравме дека нема законски нерегуларности. Сепак ќе му укажеме на министерот, Горан Сугаревски, иако треба сите да имаат право на еднаков пристап. Сепак според членот 8 од Законот за спречување на корупција се дефинира поимот „ризик од корупција“, односно секаков вид слабост која претставува можност за корупција, како што е измама или несоодветно користење на овластувањата. Бидејќи во случајов имаме пресуда за злоупотреба на службената положба, корисно е министерот да се потсети и треба да го има ова предвид. Сакаме да потсетиме дека службено лице треба да му служи на јавниот интерес – рече претседателката Билјана Ивановска и додаде дека Комисијата нема надлежност за понатамошно постапување во случајот.

Поврзани новости