Државниот архив лани без докази исплатил 10.000 евра за прекувремена работа

by fokus

Вработени во Државниот архив од буџетот минатата година„исцицале“ 10.000 евра на име прекувремени саати на работа, открива Државниот ревизор во извештајот за работата на оваа институција додека директор беше Филип Петровски, а пренесе НОВА ТВ.

Ревизорите обелоденуваат дека парите биле исплаќани без докази, односно во Архивот нема документација со која ќе се потврди дека службениците биле ангажирани за работа надвор од работното време. Висината на надоместокот што се исплаќала изнесувала 35 проценти од платата. Или, на пример, ако службеникот добивал плата во висина од 30.000 денари, плус додатокот од 10.500, му биле исплаќани 40.500 денари.

Од друга страна, според Законот за државни службеници, постои можност наместо пари, административците кои ја надминале нормата, наредниот месец да користат слободни денови. Но, наместо оваа опција секогаш се користела другата, односно им биле исплаќани поголеми плати.

Ревизорите предупредуваат и дека во Државниот архив нема точни податоци со колкав книжен фонд располага, со оглед дека не е извршен попис во библиотеката, обврска која според законот треба да се врши на секои пет години. Освен тоа, поранешниот директор Филип Петровски, минатата година не ги осигурал објектите во кои е сместен Државниот архив.

Ревизорите соопштија и дека парите кои Архивот лани ги добивал на име закупнини од мобилни компании и фирми не биле уплаќани во Буџетот на РМ, ниту пак за овие договори била известена Владата. Станува збор за приход од закупнина на простор на покривите од објектите во четири подрачни одделенија, за поставување на монтажни базни станици за мобилна телефонија. Договорите биле склучени со компанија за мобилни комуникации во 2009 година за период од 10 години, со можност истите автоматски да се продолжат за дополнителен период од 5 години. Закупнината изнесува 300 евра месечно. Како и договор на неопределено време за закуп на дворно место во подрачното одделение во Скопје за поставување на четири паноа, во износ од 1.800 евра годишно.

Поврзани новости