Министерството за финансии денеска се задолжи за 73 милиони, иако беше планирано од домашните кредитори да позајми 100 милиони евра. На аукцијата, Министерството успеа да продаде државни записи во вредност од 73 милиони, бидејќи кај инвеститорите немаше интерес за повеќе.
Според Министерството за финансии, аукцијата успешно се реализирала, а државни хартии од вредност купија банки, осигурителни компании, пензиски фондови и штедилници.
-Со реализација на аукцијата се обезбедуваат ликвидни средства за исплати кон стопанството и граѓаните, како што и беше планирано со буџетот за 2015 година. Во текот на декември по основ на стари, доспеани за враќање, хартии од вредност Министерството за финансии ќе им врати на банките 84,6 милиони евра или 5,2 милијарди денари, соопштуваат од Министерството.
Ова најново задолжување се реалзираше откако Државната изборна комисија го поништи ветото на заменик-министерот за финансии, Кире Наумов, со образложение дека задолжувањето нема да влијае на изборите во април.