На стотина македонски граѓани, во рок од една година, државата им ги одзеде автомобилите, па сега наместо тие, во нив се возат вработените од неколку министерствата и други државни институции. Оваа легална „кражба“, беше овозможена минатата година, кога со измена на Законот за превоз во патниот сообраќај, беше пропишано дека трајно им се одземат возилата на дивите превозници, кои без лиценца вршат превоз на патници.
Оштетените граѓани обвинуваа дека е недозволиво возилата да им се одземат веднаш на лице место, пред да ја добијат одлуката од Управниот суд, каде што ја обжалиле ваквата одлука.
-Без судски да се докаже дали навистина на „диво“ сме превезувале патници или не, насилнички, ни ги одземаа возилата. Еве за моето ми кажаа дека го возат вработени во Министерството за здравство, вели нашиот соговорник, чиј идентитет му е познат на редакцијата на „Фокус“.
Токму затоа овие граѓани, со помош на пензионираниот правник, Стамен Филипов, до Уставниот суд поднесоа иницијатива за разгледување на уставноста на законската одредба со која им се одземаа возилата. Неодамна се огласи и Уставниот суд, кој одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста.
-Имајќи ја предвид наведената законска регулатива со која се уредува прашањето на одземањето или ограничувањето на сопственоста како казнена мерка, произлегува дека ваквата казнена мерка единствено може да ја изрече суд. Оттука, произлегува дека инспекторот за патен сообраќај може времено да отстрани од сообраќај одредено возило со кое е сторен прекршок (во која смисла има повеќе казнени и прекршочни одредби во Законот за превоз во патниот сообраќај), но одземањето на сопственоста, и тоа трајно во корист на Република Македонија, е прекршочна мерка која единствено може да ја изрече суд, истакнале уставните судии.
Судиите објаснуваат и дека на овој начин извршната власт навлегува во судската власт, а исто така се врши и повреда на принципот на презумпцијата на невиност, според кој лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Уставниот суд во решението за поведување на постапка објаснува дека мерка за одземање на возилото може да донесе само судот, а не сообраќајниот инспектор.
Според Филипов, сега Собранието, за десетина дена, треба да се произнесе, по што се очекува ваквата одлука да се поништи или укине. Инаку, до донесувањето на одлуката, по барање на Уставниот суд се запира постапувањето по спорниот член, односно инспекторите во наредниот период нема да можат повеќе да одземаат возила.
-Успеавме да докажеме дека одземањето на овие возила е неуставно, па сега се чека само конечната одлука на Уставниот суд, односно дали ќе има укинување или поништување. Подоцна ќе треба и да се утврди и како овие граѓани ќе бидат обештетени, бидејќи според нивните информации дел од возилата се продадени, вели Филипов, кој со иницијативата го оспори членот 99-а став 3 и став 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај.
Стамен Филипов во јавноста е познат како „уривач на законите“, бидејќи издејствувал да се укинат околу 250 спорни законски одредби, но и девет закони во целина. Првата иницијатива до Уставниот суд ја поднел уште во 1993 година и оттогаш не запрел.