Уставниот суд пресече, државата треба да им ги врати возилата на стотината македонски граѓани, кои им ги одзеде минатата година, бидејќи наводно вршеле превоз на диво. На 28 јануари, Уставниот суд донесе одлука со која ги укинува спорните законски членови, а според кои сообраќајниот инспектор имаше право по сопствено убедување да го одземе возилата, доколку се сомнева дека возачот по втор пат нелегално превезува патници.
Оваа легална „кражба“, беше овозможена во 2013 година, кога со измена на Законот за превоз во патниот сообраќај, беше пропишано дека трајно им се одземат возилата на дивите превозници, кои без лиценца вршат превоз на патници. Сега Уставниот суд, одлучи дека одлука за одзамање на возилата може да донесе само судот.
„Се укинуваат член 99-а став 3 и став 4 во делот: Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за превоз трајно се одземаат во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај, од Законот за превоз во патниот сообраќај“, велат од Уставниот суд.
Иако ваквата одлука е во полза на оштетените граѓани, сепак тие стравуваат дали возилата што ќе ги добијат ќе бидат во добра состојба.
„Кога ми го земаа возилото добив информација дека е дадено на користење на една болница, а за останатите дознавме дека се дадени на користење на државните институции. Оттогаш поминаа неколку месеци, па сега прашањето е во каква состојба ќе ни ги вратат возилата“, вели еден од оштетените граѓани.
Пензионираниот правник, Стамен Филипов, кој во име на оштетените ја поднесе инцијативата до Уставниот суд, вели дека овие граѓани ќе си ги вратат возилата, но за жал нема да можат да бараат обештетување, бидејќи спорните членови се укинати, а не поништени.
„Овие граѓани веќе имаа поднесено жалба пред Управниот суд, од каде што не беше одлучено во нивна полза, по што се жалеа до Вишиот управен суд. Сега треба да го известат судот и да им ја достават одлуката на Уставниот суд, по што судот ќе мора да ја почитува и да им ги врати возилата. Судот треба да се информира по службен пат, но јас сепак ги советувам граѓаните и самите да го известат“, вели Филипов.