Државата ќе ја растурат, ама нашиот дел ќе биде поголем!?

by Фокус

Текстот е објавен на трети декември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 805

Пишувала
Љубица ГРОЗДАНОВСКА ДИМИШКОВСКА

Дали има пилот во авионот? Ова не е само потсетување на веста дека пред неколку дена почина урнебесно смешниот комичар Лесли Нилсен, кој одлично си ја одигра улогата во истоимениот филм. Ова е наслов за една трагикомична реалност, каде во авион на Република Македонија ерлајнс патуваат околу два милиони патници, а него често пати го фаќаат турбуленции, уште почесто паѓа во воздушни џебови, а патниците само подголтнуваат, стравувајќи од помислата дека авионот кога-тогаш ќе се урне.

Најстрашно од сѐ е тоа што не се сигурни дали во авионот воопшто има пилот. А, богами, нема ни стујардеси, за да ги смират патниците или едноставно да ги предупредат за она што ги очекува. Во ваква состојба, верувам се наоѓа поголемиот дел од народот, без разлика на етничката, верската и политичката определба по канонадата информации, идеи и замисли на Малиот Ѓокица за тоа, како треба да се развива Македонија!

Се почна со најавите за следниот попис. Тогаш се бараше правична застапеност и вработување на повеќе Албанци во Државниот завод за статистика. Потоа следуваше информацијата дека професорите на скопскиот универзитет треба да се изјаснат за нивната етничка припадност. Следното домино падна кога се објави информацијата дека „рамковен“ се бара и во ФФМ!? За на крај да се лансира идејата за кантонизација на Македонија, по принципот на два чисто етнички и еден мешан кантон!

Да не се разбереме погрешно, правата и законите треба да се почитуваат, како од граѓаните, уште повеќе од тие што ги носат и спроведуваат, но, вработувања по секоја цена не носат никаква полза. Тоа го покажа и праксата. Во Министерството за култура по теркот на рамковниот договор има вработени кои земаат плата, а седат дома, само заради тоа што во ресорот нема физички услови за нивна работа.

Сведоци бевме на турканиците пред Агенцијата за државни службеници, каде неколку десетици кандидати, претежно од албанската националност, чекаа да полагаат за толку посакуваната титула – државен службеник. Сведоци сме на поделба по национална основа во училиштата, на универзитети..!

Редно е политичките фактори во земјава конечно да излезат во јавноста и да образложат, дали рамковниот има рамка, дали идејата за кантонизација е реална иднина на Македонија… На крајот на краиштата, дали некој соработувал со Грција и дали некој воопшто работи за вистински просперитет на земјава? Се разбира, до сега никој не се дрзна ништо да образложи. А, народот се чувствува како гуска во магла!

НЕМА КОЈ ДА ГО СОПРЕ ДОМИНО-ЕФЕКТОТ!

Минатиот викенд беше бурен. Од многу аспекти. Еден од нив беше и појавата на уште една албанска политичка партија на македонската политичка сцена. Но, не толку затоа што се појави нова партија, туку поради нивниот првобитен пробив на сцената. Кантонизација на Македонија е политичката платформа по која ќе се раководи Албанскиот сојуз. Партијата заговара формирање на три кантони – еден етнички чист албански, втор етнички чист македонски и трет кантон со мешан етнички состав.

После идејата за поделба на Македонија, лансирана за време на конфликтот во 2001 година, за која следеше жестока расправа, која и до ден-денес од време на време воскреснува, се појави оваа, како наводно европски модел, како што тврдеше лидерот на партијата Ваљон Беља на промоцијата на партијата.

Навистина, Македонија одамна ја споредуваат со Швајцарија. Демек, Швајцарија на Балканот, но ние со ништо не докажуваме дека сме скроени по тој терк. До некаде може и да се сложам, ако ја споредуваме природата и од фактот што ни Македонија, ниту Швајцарција реално не се членки на Европската Унија (од сосема различни причини), но, многу далеку сме од швајцарското демократско ниво. Најмалку од сѐ сме прецизни како швајцарски часовник!

Нејсе, што се крие зад новата политичка партија? Некои шпекулираат дека се појавила за да се дискредитираат некои албански политичари. Од ДПА сигурно не, бидејќи токму лидерот на оваа партија Мендух Тачи беше гостин на промоцијата на Албански сојуз и токму тој ги покани медиумите и јавноста, следните денови да очекуваат објава на документи на Викиликс, во кои ќе се откриело дека лидерот на ДУИ Али Ахмети за време на конфликтот во 2001 година наводно соработувал со Грција!

Ако се раководиме по теориите дека војните на иднината ќе бидат на дипломатско поле, комотно може да прогласиме Трета светска војна. Но, и за едното и за другото, имаме молк од страна на владејачката гарнитура. Поточно, слободно можам да кажам, занемеа скоро сите политички гарнитури во државава.

Вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор Абдулаким Адеми не се јавуваше на нашите повици. Останав покуса за одговор на прашањето, дали последните настани, почнувајќи од анкетата за определување етничка припадност на професорите, преку заговарањата за „рамковен“ во ФФМ, па се до идеите за кантонизација, му создаваат некаков притисок на вицепремиерот, односно на неговата партија?

Неуспешни беа обидите на оваа тема да поведам разговор и со Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, со лидерот на Нова демократија Имер Селмани, со Имер Алиу од ДПА. И така повторно доаѓам до првото прашање: Дали има пилот во авионот?

НЕМА КОРМИЛАР ПОРАДИ СЕБИЧНОСТА НА ПАРТИИТЕ

Дали имаме пилот во авионот, го прашав Иван Анастасовски, поранешен пратеник и член на НСДП, а сега универзитетски професор и член во Управниот одбор на ФФМ, како точка на сечење на политичката и фудбалската отсечка, двете полиња кои деновиве беа зафатени со епидемијата – поделба по етничка основа?

– Не само што немаме пилот, ние немаме ни авион – одговори Анастасовски.

На здравје, помислив. Пред неколку дена, во неколку дневни весници се објави дека и фудбалот ќе стане рамковен. Се информираше дека албански делегати го притискале раководството на ФФМ правично да ги распределува парите и да се зголеми бројот на Албанците во администрацијата на федерацијата, бидејќи нивниот број сега бил симболичен. Слични заговарања на оваа тема имаше уште во 2005 година, кога се обиде да се испита пулсот за формирање на посебна, албанска лига.

– ФФМ до сега нема добиено официјално барање за такво нешто, а посебно не за поделба на лигите на македонска и на албанска, бидејќи тие нема да може да функционираат надвор од федерацијата. Сега фудбалските клубови користат пари и бенефиции од УЕФА, кои нема да ги имаат поинаку. Кој инвестира во фудбалот, тој има и квалитет. Неспорно е што има клубови со албански состав, кои се далеку подобри од клубови со македонски состав на играчи – коментира Анастасовски.

За рамковниот договор, пак, тој вели дека веќе не е рамковен, а уште помалку договор, бидејќи не се знае каде е неговата рамка.

– Овој договор повеќе личи само на отворен конкурс за вработување на Албанците во јавната администрација – заклучува Анастасовски.

Нереагирањето на политичките партии за последните случувања, според него, е само уште еден доказ дека, штом згусне, тие ја вадат картата на загрозени меѓуетнички односи. Не верува дека политичките радикали во Македонија ќе воскреснат.

– Наместо да гледаме напред, ние се враќаме во минатото. Идејата за поделба на Македонија се појави во 2001 година. Но, граѓаните на изборите во 2002 година ги казнија радикалните партии кои заговараа таква идеја. Едни партии се уште живеат во комунизмот, други пак не враќаат уште поназад. Никој не знае како да го направи скокот од социјализмот во капитализмот. А, се преправаат дека имаме европска агенда. Ако порано Скопје се крстеше во Белград, сега се крсти во Брисел. Мислат дека нашите проблеми треба да ги реши некој друг. Во догледно време тешко дека ќе се подобриме. Потребна е политичка опција во која ќе се соберат и Албанци и Македонци и Турци и Власи и Срби, кои имаат заеднички идеи. Не смееме да заборавиме дека на избори, Македонци може да гласаат за Албанци и обратно. А, таква опција се заговара – најавува Анастасовски.

Според политичкиот аналитичар Башким Бакиу, ситуацијата е таква каква што е поради фактот што политичките партии си ја тераат водата исклучиво на својата воденица, а граѓаните се оставени сами на себе.

– Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, ја исклучи етничката агенда од својата програма, со што ДУИ ја остави во незгодна ситуација, која пред се во својата програма има имплементација на рамковниот договор. ВМРО-ДПМНЕ презеде проекти како на пример, Енциклопедијата, Знамето, Скопје 2014, македонскиот јазик за албанските првачиња беа провокација и во таа насока произлегоа и произлегуваат т.н. „жешки“ барања на опозициските албански партии, кои пак бараат можност за провокација и во исто време за сопствена промоција. Притоа ја користат  недовербата што Албанците ја имаат кон Груевски. Болеста на македонската политичка реалност е тоа што не постои граѓански концепт по кој македонските и албанските лидери и партии би се согласиле да работат. Тие не работат за барањата на граѓаните, партиите делуваат самостојно – забележува Бакиу.

Концептите за поделба, етничка праведност, па сѐ до кантонизација, за политичкиот аналитичар Владимир Мисев се обиди за дефокусирање на јавноста од суштинските проблеми со кои се соочува земјава.

– Идејата за кантонизација или федерализација на Македонија во минатото беше најексплоатирана тема во албанскиот кампус, која требаше да донесе масовна поддршка за политичките партии, кои ја застапуваа оваа теза. Од друга страна, ваквата идеја беше и останува најголем страв кај етничките Македонци и само го продлабочуваат јазот и нетрпеливоста помеѓу двете најголеми етнички заедници. Но, враќањето на овие теми само ја дефокусираат јавноста, вклучително и албанската етничка заедница, од суштински важните прашања. Сите решенија за правична распределба на средствата и инвестициите лежат во ефикасно спроведување на реформите што произлегуваат од рамковниот договор и доследно спроведување на децентрализацијата. И тука одговорност треба да сносат сите политички партии, зашто тие се главните кочничари на овој процес, констатира Мисев.

ОПЕРАЦИЈА УСПЕШНА, ПАЦИЕНТОТ МРТОВ!

Дури и почетник картаџија веќе ја прочитал партијата покер што ја играат големите политички ѕверки (барем така за себе си мислат самите тие). Штом загусти, секогаш се вади џокерот од ракав, а џокерот секојпат се меѓуетничките односи, опасноста од нивно загрозување, кревката демократија, народот… Дали навистина не се познаваме меѓу себе или нашите политички големци не хипнотизираат да мислиме така?

Ако до сега со моите пријатели Турци, Албанци, Срби, Роми се шегував на моја, нивна, наша сметка, отсега ќе мора да внимавам што и како зборувам со нив. Во неколку незавидни ситуации, каде Македонци не ми помогнале, Албанци ми пружиле рака. Затоа, почитувани големци на малиот народ, тешко дека ќе ме убедите оти меѓуетничките односи се тотално нарушени. Сето тоа е мачкање очи, поттикнување на политичкиот радикализам, кој како да стана култура на живеење на Балканот, ловење во матно!

Во меѓувреме, никој не сака да и погледне в очи на реалната ситуација, во која економијата е на кревки нозе, каде се цица од малубројниот приватен сектор, се живее во сиромаштија, а се троши на скапи каприци и цементирање на минатото. Сите наеднаш стануваат ноеви и ја пикаат главата во песок, а народот останува да гледа во нивните задници, во уште понезавидна состојба, бидејќи никој не нуди конкретно решение.

За рамковниот договор само небото е лимит и факт е дека има вработувања по правична застапеност. Но, никој јавно не говори, или барем јас не сум слушнала, дека и меѓу Албанците има незадоволни што имаат некадарни колеги само затоа што се Албанци и вработени по рамковен.

За Македонците во администрација да не зборуваме. Ретки се тие со заслужна административна кариера. Кој одработил за партијата на власт, тој добива функција или вработување. Другите од претходната гарнитура летаат. На наредните избори, пак „Јово од ново“. И, после, зошто сме немале континуитет во реформите или во работата на администрацијата!

За превработеноста не сакам ни да зборувам. И самиот рамковен договор им создава проблем на Албанците, посебно на оние кои знаат да работат и кои реално се таму за да си ја заработат платата. Тие сосем незаслужено го носат епитетот „рамковни“!

Друго прашање е, уште колку политички партии треба да се основаат за да созрееме политички? До сега, де едни се продолжена рака на други, трети арно ќе почнат, таман ќе помислиме, еве конечно лидер, ќе паднат, најчесто пак на меѓуетничкиот испит, четвртите и петите постојано се враќаат на минатото, а немаат абер за иднината… И сите заедно тапкаме во место.

Од 2001 година до сега, како да не сме мрднале од мртва точка. Кризираме во транзицијава, а цената ја плаќаме во дијазепами и деметрини од 10 милиграми. Како папагали се повторуваат – поделба, голема Албанија, кантонизација, федерализација… Ако толку сакаме да личиме на Швајцарија, тогаш да бидеме демократични до крај, па да ги искористиме уставните можности. Колку за илустрација, ако Швајцарија сака да користи халогенки наместо млечни сијалици, оп, се оди на референдум. Но, далеку е сонцето, што би рекол Хемингвеј!

Туку, ќе ми одговори ли некој на прашањето, дали има пилот во авионот и кога ќе слетаме, бидејќи од турбуленцииве, почувствував мачнина во стомакот.

Според Галуп балкан монитор
ГОЛЕМА АЛБАНИЈА РАСТУРА ВО АНКЕТИТЕ

Случајно или не, на 18 ноември излезе анкета на Галуп Балкан Монитор за расположението на Албанците од регионот за идејата за Голема Албанија. Така, според анкетата, 51,8 отсто од Албанците во Македонија ја поддржуваат идејата за Голема Албанија. Околу 81 отсто од анкетираните во Косово и 63 проценти во Албанија ја поддржуваат оваа идеја. Исто така, 32 отсто од Албанците во Албанија, 29 отсто од испитаниците во Косово и 6,8 отсто во Македонија веруваат дека Голема Албанија ќе се роди од сојузот меѓу Албанија и Косово!

Поврзани новости