Вработените во Еурокомпозит од Прилеп, фабрика која е целосно во државна сопственост, си ги бараат заостанатите девет плати, како и трите години без платени придонеси за пензиско и здравствено осигурување, пренесува телевизија Телма.
Ова не е прв пат вработените да протестираат и да си го бараат она што им следува, но досега не успејаа да се изборат за своите права.
-Вработените во „Еурокомпозит“ сме во една безизлезна состојба, ни на небо ни на земја. Пријавени сме како вработени, а не ги уживаме правата од Законот за работни односи и други права на работниците, изјави Лазар Ангелески, вработен во Еуркомпозит.
Од Синдикатот на фабриката бараат средба со премиерот Никола Груевски за да му ги достават нивните предлози за излез од ситуацијата во која се наоѓаат. Тие бараат да бидат вклопени во новите мерки што ги презентира Владата за повозрасни лица, односно да им се плаќа стаж до пензионирање, потоа да им се исплатат придонесите за изминатите 3 години и да се обезбеди социјален пакет за вишокот работници.