пишува Кирил Ефремовски, Комуниколог и граѓански активист
Дали политичката криза ќе се продлабочува или во следните 100 часа ќе се изнајде нов modus Vivendi за продолжувње на преговорите и исполнување на Договорот од Пржино, ќе знаеме веќе кон средината на претстојниот викенд. По денешните изјави од американскиот Стејт Департмент, како и онаа на белгискиот експерт и олеснувач во преговорите Питер Ванхауте, за Македонија следуваат едни од најкритичните моменти. Очигледно е, следува „или-или“ фазата. Или политичката криза постепено ќе почне да се решава во следните неколку дена, или Македонија со галопирачко темпо ќе влезе во сериозна бездна, што ќе предизвика целосно политичко изолирање на државата. Крај на европските перспективи, подлабока општествена поделеност и омраза и економски крах. Политичките елити, а особено власта, повеќе немаат џокери за трошење и купување на време, тоа изјавите на странските претставници и дипомати недвосмислено го покажуваат. Ние како држава навистина сме во цајтнот!
Многумина се прашуваат какви се опциите кои им преостануваат на преговарачките страни како алтернативи во преговорите, кои сега целосно се закочени и, кои би биле следните сценариа? Се чини одговорот воопшто не е апстрактен. Тој одговор денес, недвосмислено го кажа токму олеснувачот Питер Ванхауте. Принципиелниот и скромен Белгиец, прво нѐ подучи дека зборот е збор (принцип), во преговарањето секогаш мора да постои компромис, притоа порачувајќи ни оти мора да има помирување, а институциите треба конечно да почнат да работат непартиски, доколку навистина сакаме да не биде!
Не дека ние ова не го знаевме, но се прашувам дали оваа изјава ја слушнаа и разбраа и во Советот на јавните обвинители, кои и денеска со 6:5 гласови против одлучија и воопшто да не разговараат за повторно дадениот предлог од Специјалната обвинителка Катица Јанева, да ѝ дадат “Амин“ и за останатите седум обвинители, а согласно планот за Специјалното јавно обвинителство.
Дали Советот на ЈО црпејќи аргументи од доставен план за работа кој пак претставува проценка, а не темелно затворен и без конечни бројки за обемот на кривични дела
кои би ги имале и процесуирале, е свесен дека директно учествува во подривање на Договорот во Пржино, со што вршат и директно непочитување и кршење на изгласаниот Закон за Специјалното јавно обвинителство?
Конечно, дали добиените партиски инструкции врз Советот на јавните обвинители се повеќе важни од европската перспектива на Македонија? Очигледно, водејќи се од нечија агенда, Советот на јавните обвинители заборава на единственото правило што важи кога се наоѓаш во длабока дупка, а тоа е да престанеш да копаш!
Што поскоро членовите на Советот на јавните обвинители реално ја увидат големата слика и се ослободат од очигледните директиви кои ги добиваат, излезот од “дупката“ ќе биде многу едноставен. Изгласувањето на преостанатите јавни обвинители од тимот на Катица Јанева ќе значи недвосмислена порака од државните институции, а пред се од власта, дека сакаат Договорот од Пржино да успее, и овозможат нов вид на издувен вентил, кој индиректно ќе ја бајпасира пропаста на Договорот и преговорите поради другите спорни елементи во истиот, со што за момент ќе даде свежа крв во понатамошното преговарање. Така процесот повторно ќе оживее, а со тоа и извесноста на нашата иднина.
Додека мнозинството од членовите на Советот одлучат дали и понатаму слепо ќе почитуваат еден закон, додека погазуваат друг, може во меѓувреме уште еднаш и на раат да ја прочитаат изјавата на Питер Ванхауте и неговото хируршки прецизно сецирање на проблемите и причините за застојот и, уште поважно – што треба и тие од Советот да преземат за да видиме некаков излез од кризата. Неговата недвосмислена и строга изјава, е порака до овдешните политичари пратена и во име на Европската унија, чиј што медијатор е тој.
Иако мнозинството на обвинителскиот совет денес гласаа против, сепак поентираше само Ванхауте, и тоа со 6:0. Дали Македонија навистина ќе стане втората Белорусија или не, нема да зависи од него, туку од нив, а и сите нас кои ќе останеме индолентни на ваквите одлуки без притоа да направиме било што.