Драма во Неготино: Крадецот најгласно викал – Држете го крадецот!

by fokus

Вистинска драма се случи вчера на пладне во Неготино, кога снаодлив крадец решил да си поигра со оштетениот и полицијата, па заедно со нив и тој го барал арамијата.
Настанот се случил кога Ј.А. забележал дека на неговиот автомобил кој што бил паркиран пред фирмата во која што работи му бил скршен прозорецот, а внатрешноста била испретурана, при што му биле украдени повеќе предмети.

Златната нараквица, која ја чувал во касетата на колата додека работел, парфем и други предмети со помала вредност биле одземени за време на дрската кражба која што се случила среде бел ден. Тој забележал маж на околу 30-годишна возраст во близина, кој сам притрчал да му понуди помош, кажувајќи му дека знае кој е крадецот.

-Од Кавадарци сум, сега пред малку дојдов тука со колата, еве нешто не ми пали, не можам да тргнам. Со мене дојде еден човек, го качив автостоп од Кавадарци, до тука го возев, ми беше сомнителен, сигурен сум дека тој ти ја ограбил колата – му појаснил кавадарчанецот на оштетениот.

Тогаш од фирмата излегле и колегите на оштетениот, повикале и полиција.

Кавадарчанецот започнал да им кажува како било облечено сомнителното лице кое наводно го качил додека стопирало, па сите заедно започнале да го бараат.

Дал опис на облеката, на физиономијата, дури и загрижено коментирал на глас – Каде ли само заминал, знам дека е тој, натаму да не отиде, чекај да го бараме заедно…

Потрагата по автостоперот – фантом траела околу половина час, а кавадарчанецот започнал да им станува сомнителен на присутните. Во неколку наврати додека траела потрагата се обидел да го стартува својот автомобил и да си замине, но автомобилот едноставно никако не можел да тргне поради дефект.

Тогаш полицајците кои дошле на увид решиле да го претресат. Внатре, во неговиот автомобил ги пронашле украдените предмети од колата на Ј.А. и со лисици на рацете го привеле.

Оштетениот и очевидци на настанот за ,,Фокус” раскажуваат дека целата ситуација била трагикомична.

-Сите го бараме арамијата, и тој го бара заедно со нас. Ни кажува дека носел плава блуза, сите трчаме наоколу и гледаме некој во плава блуза дали ќе видиме. Арамијата најзагрижен од сите, мислиш него му ја ограбиле колата. Дава детален опис, дури и се нервира зошто наводно го качил ,,автостоперот”.

–Туф, како го качив, да знаев дека е арамија никогаш во кола немаше да го пуштам – ни кажува, ние дури и го тешевме, демек не си ти виновен, од каде си можел да знаеш… Па, дури и му викавме, оди провери и тебе нешто од колата да не ти украл, тој оди, проверува, ни кажува со олеснување дека се е тука, демек, добро е, мене ништо не ми зел…

Среќа во несреќа, што колата не му запали и мораше да се вртка овде, инаку никогаш немаше да дознаеме дека тој бил крадецот – раскажаа Ј.А. и неговите колеги.
Во полициската станица, 28-годишниот кавадарчанец открил дека не го извршил делото сам, туку имал и соучесник, исто така од Кавадарци, кој побегнал од самото место. Познат е неговиот идентитет, и по него моментално се трагало.

Вики Клинчарова

Поврзани новости