Драгана Мирковиќ го откажа концертот во Скопје

by Fokus

Балканската фолк ѕвезда Драгана Мирковиќ го откажа концертот во Скопје, кој што требаше да се одржи на 19 мај во ВИП арена, поради актуелната политичка состојба во земјава. Концертот беше дел од Суперстар викендот, а освен Драгана, планирано беше да настапи и Аца Лукас, на 20-ти мај. Како што известуваат организаторите од СкајМјузик, Аца не планирал да го откаже настанот за кој што влезниците се веќе во продажба.

,,Драгана Мирковиќ смета дека поради актуелната политичка ситуација во Македонија сега не е време за нејзин концерт, но на своите фанови им ветува дека секако концерт во Скопје ќе има, најверојатно во септември, затоа што Скопје е еден од градовите од нејзината турнеја “Една од милион“ која опфаќа 15 града’’ – соопштија од Скајмјузик.

И додека Мирковиќ се плаши да пее во Македонија, Аца Лукас е сосема релаксиран и не е загрижен поради политичката состојба.

,,Музиката не познава граници, јас сум тука да ги забавувам луѓето и политиката воопшто не ме интересира. За македонската публика сум посебно врзан и секогаш сум тука за нив. Моја задача е луѓето да заборават на секојдневните грижи и ветувам одлична, одлична забава со сите мои стари хитови и песните од новиот албум’’ – порачал тој.

Влезниците се продаваат по цена од 400, 500 и 800 денари. Сите кои што купиле влезници за концертот на Драгана, можат да ги рефундираат на местата од каде што веќе ги купиле.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости