Уставниот суд даде забрана ГТЦ да се облече во барок

by fokus

Уставниот суд на денешната седница донесе привремена мерка, односно стопирање на идејата на Владата, ГТЦ,  Македонската опера и балет и Универзитетската библиотека да се облечат во барок.

Ваквата привремена мерка ќе биде на сила до донесување на конечна одлука на Уставниот суд, кој реши да постапува по иницијативата поднесена од архитектката Даница Павловска, за оценување на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во целост, а особено ставот 2 во делот „посебен интерес“. Оваа законска одредба дозволува со урбанистичко- планска документација да се градат објекти кои Владата со одлука ќе ги утврди дека се од посебен интерес.

-Морам да признаам дека многу се израдував на најновата вест од Уставниот суд кој одлучил да поведе постапка по иницијативата и да донесе привремена мерка. Иако работата не е завршена, сепак е позитивен сигнал, вели Павловска.

Таа појаснува дека со тим правници го оспориле членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно да не може Владата да одлучува за интервенции во градбата на објекти кои се од посебен интерес. Истакнува дека за такви одлуки е потребна строга стручност, а не политичка замисла.

-Како што и лекарската дијагноза треба да ја постави стручно лице, лекар, така и за овие интервенции треба да решаваат стручни лица, кои секако не се политичарите, истакнува Павловска.

Зад иницијативата стојат и неколку невладини организации и граѓани, кои сметаат дека со овој член од Законот се нарушува принципот на поделба на власта и владеење на правото. Според нив, со оваа одредба и се дава можност на Владата без јасно определени критериуми да определува градби од посебен интерес.

Судиите одлуката за поведување постапка ја донесоа со мнозинство број на гласови.

Поврзани новости