Во текот на денешните преговори на работната група за спороведување на договорот од Пржино, Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ се откажала од активна регистрација на гласачите за прочистување на Избирачниот список.
-Партијата која беше најголем поборник за активна регистрација како метод за прочистување на Избирачкиот список, што е оспорен од некои партии, денеска се повлече од тоа барање. Тоа го менува текот на самите разговори и веројатно ќе треба да се изнајде некој нов концепт, во кој што опозициските партии би биле сигурни дека ќе ја зголеми нивната доверба во Избирачкиот список. Ние како владеачка партија сме подготвени она што опозициските партии ќе го усогласат и побараат, да го поддржиме и да го прифатиме бидејќи немаме што да криеме, изјави претставникот на ВМРО ДПМНЕ во преговарачкиот процес, Антонио Милошоски.
Ваквата изјава на Милошоски ја негираше Дамјан Манчевски од СДСМ, кој рече дека не се откажале ниту од активната регистрација ниту од проверката на Избирачкиот список.
-Со 8 илјади тима на терен, попис се спроведува за 20 дена, а пописот е многу покомплицирана статистичка операција од проверка на Избирачкиот список. Таму се бараат дополнителни информации за образование, националност, покуќнина, се што луѓето имаат, а овде се врши проверка само на валидитетот на личните карти, односно на исправите што граѓаните ги поседуваат во изборниот процес. Сметаме дека со многу помалку технички и човечки ресурси за релативно кратко време, може да се спроведе една ваква операција, вели Дамјан Манчевски.